27.02.2018 09:12

Почна хуманитарното примирје во Источна Гута


На иницијатива на Русија денеска почна првото петчасовно хуманитарно примирје во Источна Гута. Прекинот на огнот е од девет до 14 часот по локално време.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера изјави дека по наредба на претседателот Владимир Путин од денеска во енкллавата Источна Гута се воведува секојдневен петчасовен хуманитарен прекин на огнот. Прекинот на огнот е со цел да се избегнат цивилни жртви. За извлекување на цивилите од Источна Гута предвидено е да биде отворен хуманитарен коридор.

Белата куќа синоќа повика на „итен прекин“ на офанзивните операции во Сирија, предупредувајќи ги сириските владини сили дека „терорирзираат стотици илјади цивили со воздушните, артилериски, ракетни напади како и копнен напад кој е на повидок“.

Повеќе од 500 луѓе загинаа во нападите во реонот на Источна Гута, а активистите во неделата соопштија дека се сомневаат дека бил извршен и напад со отровен гас.

 – Употребата на гасот хлорин како оружје само ја влошува ситуацијата, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс.

Таа додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп „пред извесен период го опоменал режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад“.

Источна Гута е предградие на Дамаск, кое од 2013 година е под контрола на бунтовниците. На оваа територија, опколена од владините сили, живеат околу 400.000 лица.

Советот за безбедност на Обединети нации во саботата едногласно усвои Резолуцијата 2401 со која се бара 30-дневно примирје ширум Сирија за да се овозможи пристап до хуманитарната помош и медицинска евакуација./МИА


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со Кумановски Муабети, е строго забрането!

Последни наслови

Facebook Comments