КУМАНОВО – Општина Куманово ги информира граѓаните дека во ноќта меѓу 22 и 23 јули 2025 година ќе се спроведе трет третман на терестичка дезинсекција против возрасна форма на комарци. Акцијата ќе започне точно на полноќ, во 00:00 часот, и ќе трае до раните утрински часови.
Дезинсекцијата ќе се изведува на повеќе критични локации низ градот и околината, каде што се забележани поголеми легла на комарци. Меѓу клучните подрачја се: течението на реката Кумановка – од Кумановска бања преку селото Проевце, м.в. Бејтови ниви, кејот на реката, површините околу булеварот Октомвриска револуција, градскиот парк, улицата Никола Тесла, како и делот кај ООУ „Толи Зордумис“ во Диво Насеље.
Дополнително, третман ќе се изврши и во селото Романовце, околу градските гробишта – една од најзагрозените зони, потоа Зелен рид, булеварот Трета МУБ, улицата 11 Октомври, особено околу ЈЗУ Општа болница Куманово, низ централното градско подрачје, покрај реката Серава и во населбата Перо Чичо.
За дезинсекцијата ќе се користи препаратот AQVA KOTHRINE, кој содржи активна материја Deltamethrine, регистриран и дозволен за употреба согласно стандардите за јавно здравје.
Општинските власти апелираат до граѓаните да бидат внимателни во текот на третманот, да избегнуваат непотребно движење на отворено на наведените локации во посочениот период, и да ги почитуваат сите евентуални дополнителни препораки.
Никола Ивановски