По силните протести Грузија го повлече спорниот закон

Сподели со своите пријатели

На улиците на главниот град на Грузија, Тбилиси, полицијата и демонстрантите се судрија втор ден по ред против контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“, за кој велат дека ја ограничува слободата на медиумите и го потиснува граѓанското општество, јавува Анадолија.

Loading...

Демонстрациите, кои започнаа во вторникот и продолжија во средата, станаа насилни кога демонстрантите се обидоа да ги отстранат металните бариери пред зградата на парламентот, според 1ТВ, додека полициските сили одговорија со водени топови.

Полицијата ги повика демонстрантите да се разотидат, предупредувајќи ги дека против нив ќе бидат преземени законски мерки доколку одбијат.

Законот според кој невладините организации и независните медиуми треба да се декларираат како странски агенти доколку добијат повеќе од 20 отсто средства од странство, наиде на критики од грузиската и меѓународната јавност.

Тој наметнува дополнителни барања за известување, инспекции и административна и кривична одговорност, вклучително и до пет години затвор за какви било прекршувања.

Демонстрантите жестоко реагираа на усвојувањето на законот предложен од Партијата на народна моќ, а грузиските опозициски партии тврдат дека законот е антидемократски.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која е во официјална посета на Соединетите Американски Држави, на социјалните мрежи изрази солидарност со демонстрантите и порача дека нацрт-законот е подготвен „по наредба“ на Русија и дека треба да се укине без разлика на се.

„Од првиот ден реков дека ќе ставам вето на овој закон и ќе го сторам тоа“, изјави претседателката на Грузија.

Loading...

Зурабишвили подвлече дека нацрт-законот ја поткопува интеграцијата на Грузија во Европската унија и НАТО.

„Вие ја претставувате слободна Грузија, Грузија која својата иднина ја гледа на Запад и нема да дозволи некој да ѝ ја одземе иднината. Овој закон никому не му е потребен. Секој што гласал за овој закон го прекршил Уставот“, додаде Зурабишвили.

Невладините организации Хјуман рајтс воч и Амнести интернешенел во вторникот го повикаа грузискиот парламент „одлучно да го отфрли“ законот.