По осум недели раст, пад на цените на нафтата

Сподели со своите пријатели

Цените на нафтата паднаа на светските берзи минатата недела, за прв пат по осум недели, и се лизнаа од највисоките нивоа во повеќе од седум години.

Loading...

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за околу 1 отсто, на 93,54 долари, додека барелот на американскиот пазар падна за 2,2 отсто на 91,07 долари.

Минатиот понеделник цените на „црното злато“ достигнаа нови највисоки нивоа од крајот на 2014 година, но во текот на неделата тие попуштија и го забележаа првиот пад во последните девет недели.

Инвеститорите се фокусираа на украинската криза и преговорите меѓу САД и Иран за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, бидејќи договорот би можел да вклучи постепено укинување на санкциите за извозот на иранска нафта, што ќе го ублажи проблемот со недоволното снабдување на светскиот пазар.

Надежите дека иранските барели би можеле да се вратат на пазарот во поголем број ги засенија тензиите околу Украина и заканите од Западот кон Русија со санкции доколку таа нападне соседна земја.

Москва упорно ги отфрла тврдењата дека подготвува напад врз Украина, но трговците стравуваат од санкции бидејќи тие би можеле да ја вклучат руската нафта, што би довело до прекини во снабдувањето со енергија на Европа од Русија.

„Многу се зборува за војна и конфликт, но сите овие приказни сѐ уште не се убедливи за трговците. Можеби затоа премијата за геополитички ризик почнува да опаѓа“, вели Стивен Бренок од PVM Oil.

Аналитичарите, од друга страна, предупредуваат дека контурите на договорот за заживување на иранскиот нуклеарен договор прикажуваат неколку фази и чекори, а првиот, според дипломатите, не вклучува укинување на санкциите за иранската нафта.

Loading...

Затоа има мали шанси иранската нафта да се врати на пазарот во блиска иднина, велат аналитичарите.

„Залихите најверојатно ќе бидат далеку под долгорочниот просек уште долго време“, рече Карстен Фрич од Комерцбанк.

Може ли барелите да чинат до 100 долари?

Но, зголемените цени на нафтата се ограничени од зголеменото производство во САД.

Во петокот, Бејкер Хјуз објави дека бројот на активни погони за бунари се зголемил за четири минатата недела, на вкупно 520, што е најголем број активни постројки од април 2020 година.

Тоа значи дека во наредниот период може да се очекува зголемување на производството.

Откако лани пораснаа за повеќе од 50 отсто, цената на нафтата од почетокот на оваа година скокна за околу 20 отсто.

Некои аналитичари сметаат дека поради зајакнувањето на побарувачката и недоволната понуда, цената на барелот наскоро би можела да достигне ниво од 100 долари.

Loading...

Други тврдат дека нагорниот тренд на цените наскоро би можел да биде запрен бидејќи се очекува зголемување на каматните стапки на централната банка за да се спречи високата инфлација, што би можело да го забави економскиот раст, а со тоа и побарувачката на нафта.

Така, на пример, во САД, најголемиот светски потрошувач на нафта, инфлацијата достигна 7,5 отсто, што е највисоко ниво во последните 40 години.

Поради тоа, се очекува американската централна банка агресивно да ги зголеми клучните каматни стапки, кои до крајот на годината би можеле да надминат 1 отсто, додека тие сега се малку над нулата.