Северна Кореја го запре емитувањето на државното радио Пјонгјанг и го прекина пристапот до нејзината веб-страница, која претходно наводно се користела за испраќање шифрирани пораки до шпиони во Јужна Кореја.
Радио Пјонгјанг е познато по емитувањето на низа мистериозни броеви, за кои се верува дека се шифрирани пораки со инструкции на агентите во Јужна Кореја.
Северот продолжи со ваквите преноси во 2016 година, откако ги прекина во 2000 година.
Последниот потег доаѓа откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди „приспособување и реформи“ на неговите организации за меѓукорејски работи за време на клучниот состанок на Работничката партија минатиот месец, поради зголемените прекугранични тензии, објави Јонхап, цитирајќи го Танјуг.
Северна Кореја денеска соопшти дека исто така одржала состанок претходниот ден на кој одлучила да ги распушти организациите задолжени за размена на цивили со Јужна Кореја, јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА).
На состанокот исто така се повика на нова политика на обединување на Кореја, врз основа на ставот дека „марионетите“ во Сеул, кои наводно се обидуваат да ја соборат владата во Пјонгјанг и да ја обединат Кореја со анексија на Југот, се „главниот непријател“ што треба да биде „ целосно елиминирани“.
Северна Кореја ги засили своите провокации откако Ким ги дефинираше меѓукорејските врски како „помеѓу две држави кои се непријателски настроени една кон друга“ и повика на зголемени подготовки за „потчинување на целата територија на Јужна Кореја“ на состанокот на владејачката партија на крајот на годината.
Односите меѓу Јужна и Северна Кореја остануваат затегнати, а тензиите нагло ескалираа минатата недела откако Пјонгјанг истрела околу 350 гранати во морето меѓу 5 и 7 јануари, прва вежба со боева муниција во близина на поморската граница на двете земји од декември 2022 година, според Јонхап.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.