Северна Кореја распушти неколку агенции кои работеа на обединување со Јужна Кореја, објави официјалната агенција KCNA, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека обединувањето на неговата земја со јужниот сосед повеќе не е можно, пренесува Хина.
Одлуката за распуштање на агенциите ја објави севернокорејскиот парламент.
Станува збор за три организации кои се занимаваа со прашањето на обединувањето и меѓукорејскиот туризам.
Во говорот пред парламентот во понеделникот, Ким рече дека неговиот конечен заклучок е дека обединувањето со јужниот сосед повеќе не е можно и го обвини Сеул дека сака соборување на режимот во Северна Кореја и обединување преку апсорпција на северот.
Тој повика на уставен амандман со кој ќе се промени статусот на Јужна Кореја.
Тој исто така предупреди дека неговата земја не сака војна, но нема намера да ја избегне.
„Не сакаме војна, но немаме намера да ја избегнеме“, рече Ким, пренесе КЦНА.
Загрижувачки извештај
Во извештајот минатата недела за американскиот Проект 38 Север, поранешниот функционер на Стејт департментот Роберт Карлин и нуклеарниот научник Зигфрид Хекер рекоа дека ја гледаат ситуацијата на Корејскиот полуостров како поопасна од кога било од почетокот на јуни 1950 година.
„Можеби звучи премногу драматично, но веруваме дека, како и неговиот дедо во 1950 година, Ким Џонг Ун донесе стратешка одлука да оди во војна“, напишаа тие.
„Не знаеме кога и како Ким планира да го повлече чкрапалото, но опасноста е веќе многу подалеку од рутинските предупредувања во Вашингтон, Сеул и Токио за „провокациите“ на Пјонгјанг“.
Другите набљудувачи, сепак, се пооптимисти и велат дека промените едноставно ја одразуваат реалноста и може да им помогнат на двете Кореи конечно да ги нормализираат односите, додава Ројтерс.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.