Од експлозиви за пиротехника до облека, патики, автоделови, клима уреди и девизи, биле запленети изминатата недела на Граничниот премин Табановце.
Како што информираат од Царинската управа, македонски државјанин се обидел да внесе во држава експлозивна материја за огномети.
– Кривична пријава е поднесена за македонски државјанин кој се обидел да криумчари пиротехнички средства за огномети – експлозивна материја чија употреба подлежи на дозволи и е строго регулирана, велат од ЦУ.
Случајот, како што додаваат, е откриен на влез во државата на граничен премин Табановце при извршен претрес на возило со германски регистарски таблички коешто го управувало лицето.
– При преглед на стоката сместена во багажниот простор, во црна голема торба на дното, помеѓу алишта, е пронајдена непријавена кутија со пиротехнички материјал, во која се наоѓаат три системи со 195 патрони за огномет со вкупна маса од 450 грама експлозив, стои во соопштението.
Во друг случај, царински службеници и инспектори од Службата за мобилни скенери, спречија низа обиди за шверц на граничниот премин Табановце.
– При акциите запленети се значителна количина облека, долна облека, патики, автоделови, материјал за текстилна индустрија, како и клима уреди, велат од Царина.
При личен претрес на македонски државјанин кој патувал со автобус биле откриени 12 илјади евра.
– Лицето се обидело нелегално да ги изнесе девизите, при што му се вратени две илјади евра, а преостанатите 10 илјади евра се привремено задржани, согласно законските прописи, велат од Царинската управа.
Никола Ивановски