Песочна бура го загадува воздухот во Пекинг и северна Кина

Сподели со своите пријатели

Атмосферското загадување денеска достигна многу високо ниво во Пекинг, а песочната бура покри и други места во Кина со портокалова магла штетна по здравјето.

Loading...

Според официјалниот показател за квалитетот на воздухот во кинеската престолнина, максималниот регистриран индекс е 500, што значи дека е многу загаден.

Неофицијалните мерења покажуваат дека нивото на загаденост е двојно поголемо.

Властите во Пекинг издадоа предупредувања за временски услови и ги повикаа граѓаните да ги намалат активностите на отворено, а утринава на некои места видливоста падна на помалку од еден километар.

Во некои области на север и северозапад од Кина, особено во полупустинскиот регион Внатрешна Монголија, силните ветрови и прашината го обоија небото во вознемирувачка портокалова боја.

Поради песокот во воздухот, видливоста е намалена на неколку стотини метри.

Според надлежните, ова загадување главно е предизвикано од ПМ10 честичките кои можат да се вдишат и да ги влошат респираторните проблеми.

Жителите на погодените подрачја треба добро да се заштитат од ветерот и песокот и да ги затворат вратите и прозорците, соопшти метеоролошката служба и советува да носат маска кога излегуваат од дома.

Loading...

Исто така, беше посочено дека децата, постарите лица и лицата со респираторни алергии треба да го ограничат излегувањето.

Песочните бури се вообичаени во северна Кина напролет кога ветерот крева прашина во тој релативно сув дел од земјата, пренесува Танјуг.