Пендаровски прогласи нова вонредна состојба

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, доцна вечерва донесе одлука за нова вонредна состојба на територијата на целата држава.

Loading...

Одлуката, како што објави претседателот, е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Влада на Република Северна Македонија, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.

– Политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули 2020 година. Во таа насока, одлуката за прогласување на вонредна состојба е со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на корона вирусот прогласена од Светската здравствена организација, вели Пендаровски.

Според шефот на државата вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули.

– По постигнатиот политички договор, потребно е институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес. Деновите од вонредната состојба очекувам да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје, вели претседателот.

Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евро-атлантската перспектива на земјата.

Никола Ивановски

Leave a Reply