Пендаровски: Ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за јазикот и идентитетот

Сподели со своите пријатели

Минатата година во едно мое интервју реков дека ако цената за да влеземе во Европската Унија е да се откажеме од идентитетот и јазикот, тогаш нема жив Македонец кој ќе се согласи со таквиот услов. За тој став, бев критикуван од некои кругови кои велеа дека е погрешен и дека ние треба да направиме сѐ, и без оглед на цената да влеземе во Унијата. И тогаш и денес сум убеден дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите, изјави во своето годишно обраќање во Собранието на Северна Македонија претседателот Стево Пендаровски.

Loading...

-За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат. Ние не преговаравме 25 години со Хеленската Република само за додавка во името, туку, пред сѐ, за меѓународна потврда од целиот свет, преку Организацијата на Обединети нации, за тоа кои сме и што сме. На крајот, направивме компромис само затоа што и во грчкиот парламент и во Обединетите нации беше ратификувано и потврдено дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, истакна претседателот.

Пендаровски потсети на неговото минатогодишно обраќање кога рече дека „ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзи поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси”.

-Изминатава година, во контекст на спорот со Бугарија, имаше предлози за свикување на лидерска средба или на посебна седница на Парламентот на која наводно треба да ги утврдиме нашите црвени линии во разговорите со Софија. Во однос на лидерска средба, сакам да кажам дека иако минатата и оваа година, на барање на политичките партии, под мое раководство беа одржани повеќе такви средби, мојот став е дека таквиот вонинституционален формат на средби, во принцип, треба да го напуштаме, затоа што лидерските средби се, во суштина, замена за институциите кога тие немаат полн легалитет и легитимитет, што кај нас не е случај, рече Пендаровски.

Додаде дека во врска со свикување на посебна седница на Парламентот, иако, вели, тоа е надлежност на овој дом, исто така не гледа потреба за такво нешто, затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. За мене, продолжи Пендаровски, е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик!?

-Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944-та година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава, подвлече претседателот Пендаровски.

Во однос на ставовите по ова прашање на најголемите политички партии, како што рече Пендаровски, имам кажано и порано, денес ќе повторам: тие имаат потполно идентичен став по однос на нашиот идентитет и се разликуваат само во однос на методологијата како до дојдеме до целта.

-Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа, дециден е Пендаровски.

Loading...

Претседателот, во врска со однесувањето на политичките претставници на Албанците во рамки на истото прашање, и нивниот однос кон прашањата кои го тангираат македонскиот идентитет, рече дека за жал кај еден дел од етничките Македонци долги години наназад постои сомнеж: дали политичарите – Албанци ја поддржуваат нашата борба за поширока меѓународна афирмација?

-Одговорно тврдам, бидејќи сум сведок на овие процеси повеќе од 20 години, уште кога во 1990-тите преговаравме со Грција, дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Таквиот став ни помагаше да бидеме посилни на сите средби со странските емисари затоа што знаевме дека зад себе имавме усогласена државна позиција. Впрочем, поинаку и не може да биде затоа што Северна Македонија е заедничка куќа за сите нас во која нема поделба на потстанари и газди, истакна Пендаровски.

Повтори и дека наспроти бугарското вето, никој да нема никаква дилема – Северна Македонија ќе продолжи кон Европската Унија, затоа што сме убедени дека само преку процесите на европеизација можеме да станеме реална и просперитетна демократија во релативно краток временски период.

-Европската Унија е далеку од совршена, националните интереси често ја парализираат, атрактивноста на нејзиниот модел и претпристапните фондови не се нивото на кое беа пред 15 или 20 години, но, сѐ уште е незаменлив инструмент за демократизирање, а со нејзините вредности инспирација за милиони луѓе во светот. Притоа, нема да прифатиме никаква резервна варијанта, а, ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи само ако тие се комплементарни, и не претставуваат замена за членството во Унијата, подвлече Пендаровски.

Претседателот во овој дел заклучи дека „алтернативата на овој европски пат е да вегетираме со низок животен стандард наместо да го живееме животот, да ја губиме енергијата во историски спорови, да се гушиме во национализми, да отвориме простор за авторитарни тенденции, и да ги броиме младите кои заминуваат“.

-Знам дека огромен број од нашите граѓани не би сакале да видат ваков развој на настаните, рече претседателот Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието на Северна Македонија.

Неда Димова-Прокиќ

Leave a Reply