Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, во своето прво јавно појавување по нападот врз нејзиниот сопруг, изјави дека претстојните конгресни избори се борба за демократија и дека таа ќе победи.
Пелоси рече дека Демократската партија не се бори само за победа на овие избори, туку и за зајакнување на демократијата.
Пелоси за време на видео-обраќање рече дека закрепнувањето на нејзиниот сопруг Пол (82) ќе трае долго и им се заблагодари на сите што му помогнале.
Пол Пелоси се здоби со фрактура на черепот и други повреди, откако напаѓач минатата недела упадна во нивниот дом во Сан Франциско и го нападна со чекан.
Надлежните оценија дека станува збор за намерен и политички напад. Пелоси зборуваше од Калифорнија, каде што нејзиниот сопруг беше пуштен од болница доцна во четвртокот, јави Танјуг.
Изборите за американскиот Конгрес ќе се одржат на 8 ноември.