Пекинг реагираше на почетокот на имплементацијата на американските царини од 10 отсто за кинеските производи со објавување на сопствени царини од 10 до 15 отсто за одредени американски производи, кои треба да започнат на 10 февруари, објави Ксинхуа.
Кина ќе воведе дополнителни тарифи од 15 отсто за јагленот и природниот гас, додека суровата нафта, земјоделските машини, автомобилите со голем обем и камионите ќе бидат предмет на царина од 10 отсто.
Оваа одлука на кинеските власти дојде веднаш по стапувањето на сила на американските царини во 12:01 часот по источно време во САД, пренесува NBC News.
Кинеската царинска комисија соопшти дека американското воведување царини претставува сериозно кршење на правилата на Светската трговска организација, не ги решава внатрешните проблеми на САД и ја поткопува нормалната економска и трговска соработка меѓу Кина и САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата најави воведување царини од 25 отсто за стоки од Мексико и Канада, како и царини од 10 отсто за производи од Кина, наведувајќи ги прашањата за граничната безбедност и меѓународната трговија со дрога, како што е фентанил.
Иако царините за производите од Канада и Мексико беа суспендирани на 30 дена по разговорите со лидерите на тие земји, сличен договор не беше постигнат со Кина.
Пазарите во Кина останаа затворени за празникот Лунарна Нова Година, додека пазарите во азиско-пацифичкиот регион пораснаа откако беше објавено дека царините за производите од Канада и Мексико се суспендирани.
Како што објави Ројтерс, Трамп во следните неколку дена ќе разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Кина поднесе жалба до Светската трговска организација поради зголемувањето на царините во САД
Кина поднесе формална жалба до Светската трговска организација (СТО) против одлуката на САД да ги зголемат царините за кинески стоки за 10 отсто, јави Ксинхуа.
Според кинеското Министерство за трговија, жалбата била поднесена за да се заштитат „легитимните права и интереси“ на Кина.
Кина ги обвини американските власти за „злонамерни дејствија“ и тврди дека воведените тарифи се „еднострани и неправедни“.
Жалбата е поднесена според механизмот за решавање спорови на СТО, кој треба да одлучува за овој трговски спор.
Пазарите во Кина останаа затворени за празникот Лунарна Нова Година, додека пазарите во азиско-пацифичкиот регион пораснаа откако беше објавено дека царините за производите од Канада и Мексико се суспендирани.
Кинески претставник во ОН: Состанокот на Советот за безбедност на ОН е „добра можност“ за средба на Рубио и Ванг
Состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации за две недели би можел да биде „многу добра можност“ за средба на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и американскиот државен секретар Марко Рубио, изјави кинескиот претставник во ОН Фу Конг.
Тој ја истакна потребата од соработка бидејќи „толку многу е во прашање“.
„Се надевам дека, и покрај целата реторика што ја слушнавме од американските политичари, ќе можеме да заземеме конструктивен и професионален пристап кон нашата работа овде во Обединетите нации“, изјави Фу на новинарите, пренесе Ројтерс.
Сепак, тој ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 10 отсто за Кина од денеска.
„Ние силно се спротивставуваме на ова неоправдано зголемување и веруваме дека ова е кршење на правилата на Светската трговска организација (СТО). Затоа, Кина ќе поднесе жалба до СТО. Можеби ќе бидеме принудени да преземеме контрамерки, нема победници во трговска војна“, рече кинескиот амбасадор во ОН.
Тој изјави дека Кина и САД би можеле да соработуваат во борбата против климатските промени, дрогата и тероризмот и да работат заедно на технологијата како што е вештачката интелигенција.
Запрашан за загриженоста на САД за некои кинески технологии и апликации, Фу рече дека „таквите реакции мора да престанат“.
„Погледнете го Huawei. Погледнете го Tiktok, сега DipSik. Уште колку сакате да забраните? Ако Кина и САД можат да соработуваат, сигурен сум дека можеме да решиме многу проблеми и да го направиме светот подобро место за живеење. заклучи тој.
Кина претседава со Советот за безбедност во февруари, а кинескиот амбасадор во ОН рече дека Ванг ќе претседава со министерскиот состанок на 15-членото тело на 18 февруари, кој ќе се фокусира на мултилатерализмот и подобрувањето на глобалното владеење.