„Во мандатот 2021-2025 продолжуваме со инвестиции во спортот“ рече денеска на прес конференција кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, Николај Павловски, кој ќе се најде во идниот состав на Советот на општината.
Павловски најпрвин им се заблагодари на граѓаните за поддршката на граѓанскиот концепт и независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, и рече дека целта по победата во вториот круг е развој на спортот во општината.
– Во следниот мандат по победата во вториот круг од локалните избори кои треба да се одржат на 31 октомври, имаме за цел да го развиваме спортот во нашата општина. Спортот е еден од најважните обележја за препознатливоста на Куманово. Европски град на спортот кој дава можности и услови на секој млад спортист да се развива и да се стреми кон нови спортски достигнувања, рече Павловски.
Изминатите четири години, вели, изграден е спортско – рекреативен комплекс на локалитет Спомен Костурница, десет спортски игралишта, поставени се четири детски катчиња, започна реконструкција на Спортската сала и комплексот Соколана.
– Во мандатот 2021-2025 продолжуваме со инвестиции во спортот со вложувања во спортистите и унапредување на спортските објекти. Следува целосна реконструкција на Спортската сала, Соколана и Градски стадион. Ќе го реконструираме спортскиот комплекс во поранешен Дом на АРМ со мултифункционално игралиште со тартан подлога, спортска опрема, реквизити и реконструкција на трибини. По 31ви октомври ќе почнеме со градење нови модерни спортски терени со тартан подлога во секое основно и средно училиште и во секоја урбана или месна заедница каде во моментов нема, изјави Павловски.
Павловски најави изградба на детски катчиња со урбан сквер во секоја урбана и месна заедница, а во програмата како што потенцираше, предвидена е изградба и на мини аква парк во рамките на комплексот Градски базени, додека во близина изградба на скејт парк.
– За љубителите на трчањето ќе изградиме трим патеки, за трчање со тартан подлога во должина на градскиот кеј. Ќе направиме мала сала за тренинг на боречки вештини и модерен балет на локација зад затворен градски базен. Ќе го зголемиме буџетот за поддршка на спортот преку Општински сојуз на спортови и ќе продолжиме да го јакнеме училишниот спорт, изјави Павловски.
Павловски изрази благодарност за поддршката во првиот круг и ги повика граѓаните во вториот круг од локалните избори на 31ви октомври да гласаат за независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски.
– Дозволете ни да продолжиме со вистинска грижа за сите граѓани со развојот на Куманово, бидејќи вие заслужувате подобар квалитет на живот, сите заслужуваме одговорна општина која работи во интерес на сите граѓани. На 31ви октомври поддржете нѐ повторно, затоа што нашиот концепт е концепт на слободни граѓани, ослободени од стегите на притисоците и заканите. Концепт на вредности и многу работа, концепт на слободна мисла, на 31ви октомври заокружете го бројот 80 за идниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, изјави Павловски.