Паси: Колку побрзо се заврши спорот за името толку подобро решение ќе има

Сподели со своите пријатели

Посакувам час поскоро да се заврши спорот за името. Колку побрзо биде завршен, толку подобро ќе биде решението, вели Соломон Паси поранешниот министер за надворешни работи и претседател на бугарскиот Атлански клуб.

– Мислам дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас имаат многу добра хемија и верувам дека таа може да биде трансформирана во договор меѓу двете држави. Не гледам објективни пречки што би можеле да го попречат решавањето на тој проблем. Посакувам час поскоро да се заврши тој спор. Колку побрзо биде завршен спорот, толку подобро ќе биде решението. Меѓународното искуство покажува дека колку подолго се одлагаат такви конфликти, толку поскапи и полоши решенија се наметнуваат, вели Паси кој денеска се сретна со градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски.

Тој истакна дека вчера имал средба со премиерот Зоран Заев на која, како што рече, ја поздравил насоката на надворешно политичкиот развој на земјата која ја избрал и за неговото лидерство. При тоатој  порачал дека Македонија ја има поддршката од Софија и оти треба да го искористи бугарското претеседавање со ЕУ.

– Бугарија во моментот е претседавач со Европската унија и сакаме да го искористиме бугарското претседателство со Унијата за максимално забрзување на приемот на Македонија во западните структури – НАТО и ЕУ. Ние сме целосно на ваше располагање и тоа дојдов да го порачам пред премиерот. Се радувам што мојата посета овде се случи спроти посетата на претседателот на Бугарија, Румен Радев. Се надевам дека на крајот Македонија ќе ги почувствува плодовите од бугарското претседателство, рече Паси.

Тој ја поздрави одлуката на премиерот за преименување на аеродромот во Скопје, оценувајќи ја како многу позитивен знак. Тоа е патот на дипломатијата и на тој начин може да се постигне многу, вели Паси.

Тој додаде дека за него прифатливо е секое решение кое двете страни ќе го постигнат.

– Бугарија не е дел од проблемот. Ние бевме првата држава која ја призна Република Македонија под уставното име за време на претседателот Жељу Желев, рече Паси.

Навраќајќи се на тоа време Паси сподели посебни историски моменти, укажувајќи на улогата на Желев да помогне во признавањето на Македонија од страна на Турција и на Русија во времето на претседеталот Борис Елцин и токму затоа посака една улица или плоштад во Скопје во иднина да го носи неговото име.

Соломан Паси е во посета на Македонија каде на средба со градоначалникот на општина Кисела Вода ќе презентира проекти, еден поддржан од НАТО за заштита на војници и население наречен геотоксичен детектор, а вториот се оденсува на дигитални општини, што треба да овозможи соработка меѓу општините од Македонија и Бугарија./МИА

Leave a Reply