Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц е на патот на враќањето на власт со оглед на тоа што неговата Австриска народна партија (ОВП) победи на денешните предвремени парламентарни избори, на кои крајната десница значително ослабна, а Зелените добија повеќе гласови.
Според проекцијата на изборните резултати врз основа на дел од преброените гласови објавени од телевизијата ОРФ, ОВП на Курц треба да има 37,1 процент од гласовите, што е за 5,6 проценти повеќе отколку во претходното гласање во октомври 2017 година, пренесува Асошиејтед Прес.
Екстремно десничарската Австриска либертаријанска партија (ФПО) доби 16,1 процент од гласовите, дури 10 проценти помалку од пред две години, знак дека гласачите ја казнија партијата за „аферата Ибица“, видео објавено во мај што покажува како нејзиниот долгогодишен, но сега поранешен лидер, Хајнц-Кристијан Штрахе му нуди наклонетост на наводниот руски претприемач ако купи дел од австрискиот весник „Кронен Цајтунг“ и ја поддржува неговата партија преку тој медиум.
Социјалдемократската партија на Австрија (СПО), која предводеше многу коалициски влади по Втората светска војна, е предвидено да освои 21,7 проценти од гласовите, повеќе од пет проценти помалку отколку во 2017 година, што би бил најлош резултат во повоениот период.
Голем скок имаа Зелените, кои не успеаја да влезат во парламентот во 2017 година, и сега треба да имаат 14 проценти од гласовите.
Австријците, како и другите гласачи во Европа, изразија голема загриженост во врска со климатските промени во текот на изминатата година, што беше клучна тема на Зелените во кампањата.
Се очекува либералната партија НЕОС да има 7,8 проценти од гласовите.
Курц (33), откако беа објавени резултатите, не сакаше да каже со кого би се обидел да формира нова влада, соопшти АП.
Говорејќи во присуство на други партиски лидери, Курц вечерва рече дека неговата 17-месечна коалиција со ФПО била „многу добра“ сè до аферата „Ибица“ и најави дека ќе разговара со сите партии што влегоа во парламентот.
По лошите резултати, ФПО ја отфрли можноста повторно да влезе во владата со ОВП на Курц.
Лидерот на ФПО, Норберт Хофер рече дека партијата се подготвува да биде во опозиција и дека не е задоволна од изборниот резултат.