Осум земји изгубија право на глас во ОН поради долг

Сподели со своите пријатели

Осум земји, вклучувајќи ги Иран, Судан и Венецуела, го загубија правото на глас во Обединетите нации поради преголемиот долг кон организацијата, изјави генералниот секретар Антонио Гутереш.

Loading...

Вкупно 11 земји-членки во моментов доцнат со уплатата на придонесите во согласност со член 19 од Повелбата на ОН, наведува Гутереш во писмото до членовите на Генералното собрание, кое беше прегледано од агенцијата Франс прес.

Членот 19 предвидува суспензија на правата на глас на Генералното собрание за секоја земја чии заостанати долгови се еднакви или поголеми од придонесите што ги платила во последните две години.

Ако неплаќањето се случило „поради околности надвор од контрола“, државата сè уште може да го задржи своето право на глас, што е случај оваа година за три земји – Коморите, Сао Томе и Принципе и Сомалија, рече Гутереш.

Покрај Иран, Судан и Венецуела, своите права ги загубија уште пет земји – Антигва и Барбуда, Конго, Гвинеја, Папуа Нова Гвинеја и Вануату.

За овие земји да си го вратат правото на глас, потребно е да се плати барем минимална сума која не е иста за сите земји.

Иран треба да плати повеќе од 18 милиони долари, Судан околу 300.000 долари, а Венецуела речиси 40 милиони долари.

Иран минатата година го загуби правото на глас поради долг. Иранските власти тогаш изјавија дека не можат да ја платат сумата поради санкциите што им ги воведоа САД.

Loading...

По неколкумесечни преговори, Иран доби ослободување што му овозможи да го плати минималниот потребен долг и да ги врати своите гласачки права во јуни, непосредно пред изборот на новите членки на Советот за безбедност на ОН.

Годишниот оперативен буџет на ОН, одобрен во декември, изнесува околу 3 милијарди долари.

Мировниот буџет, одобрен во јуни, изнесува околу 6,5 милијарди долари.