На Градскиот плоштад „Нова Југославија“ во Куманово од 5 до 10 март 2026 година ќе се одржи Осмомартовски саем, посветен на одбележувањето на 8 Март – Меѓународниот ден на жената.
Саемот има за цел да создаде пријатна и инспиративна атмосфера со цвеќе, ракотворби, локални производи и креативни изработки, како и да ја поттикне локалната економија и женското претприемништво.
Како што информираат од Регионална занаетчиска комора Куманово и Општина Куманово, за потребите на манифестацијата ќе бидат поставени десет дрвени монтажно-демонтажни штандови на централната градска локација, кои ќе се доделуваат без паричен надомест, со цел поддршка на локалните занаетчии, производители и мали бизниси.
Саемот ќе овозможи промоција и продажба на цветни производи, рачно изработен накит и украси, подароци, декоративни артикли, природна козметика и други тематски производи.
Посебен акцент ќе биде ставен на афирмацијата на улогата и придонесот на жената во општеството, како и на збогатување на културниот и социјалниот живот во градот.
Штандовите ќе бидат опремени со маса, полици за изложување, електричен приклучок и простор за брендирање, а ќе можат да се користат секој ден во периодот од 10:00 до 20:00 часот.
Право на учество имаат правни и физички лица кои нудат производи тематски усогласени со духот на Осми март, при што предност ќе имаат локални производители и занаетчии, особено оние кои се занимаваат со цветни производи.
Заинтересираните треба да поднесат барање за користење на штанд најдоцна до 3 март 2026 година, до 14 часот, во просториите на Регионалната занаетчиска комора Куманово.
Дополнителни информации може да се добијат преку електронска пошта или телефонскиот контакт наведен во јавниот повик.
Никола Ивановски

