Осми март – Меѓународен ден на жената

Сподели со своите пријатели

Секоја година на 8-ми март низ целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на жената, ден за меѓународно признание на економските, политичките и општествените достигнувања на жените бизнисменки и политичарки.

Тoа е и тој ден за извиканите „свадби без невести“ со колегите од работа, тоа е тој ден на цвеќиња и поклончиња за учителките во училиштата и градинките. Нешто ќе остане и за обичните и за вистинските жени секако. 8 март е празник и тоа меѓународен.

Првиот Ден на жената е одбележан на 23 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Американската социјалистичка партија. Празникот започнал само како политички настан на социјалистите, но постепено станува дел од културата на многу земји. Во некои од нив денот ја губи својата политичка улога и станува само повод за мажите да ја изразат својата симпатија и внимание кон жените околу нив. Во други земји темата за политичките и човековите права на жените, поддржувана од ОН, и е силно застапена, а на борбата за признавање на овие права на жените во светот се гледа одговорно и со надеж.

Идејата за создавање на меѓународен ден на жената се појавува по турбулентната индустријализација и економска експанзија во почетокот на 20 век, која предизвикува протести за подобрување на условите за работа. Календарскиот датум се поврзува со првата масовна манифестација на жени работнички одржана на 8 март 1857 година во Њујорк. Жените од кројачките и текстилни претпријатија излегуваат на протест против лошите услови за работа и ниските плати. Работничките се нападнати и растерани од полицијата.

Две години подоцна, на истиот месец, овие жени создаваат својот прв работнички синдикат. Постојат меѓутоа мислења дека овој факт не е потврден, а бил измислен во 1955 година најверојатно со образложение празникот да се смета за комунистичка идеологија. Тоа е важно за оние што се борат за правата на жените во Западна Европа и САД во текот на годините на Студената војна. Во следните години следат други протести, најпознатиот од нив е во 1908 година, кога жените организираат марш во Њујорк барајќи пократок работен ден, по подобри плати и право на гласање.

На 27 август 1910 година во Копенхаген се одржува првата меѓународна конференција на жените, организирана од социјалистичката интернационала. По предлог на германската социјалистка Клара Цеткин се прифаќа: Секоја година во една од првите недели на пролетта да се слави денот на работничките и на меѓународната солидарност, со цел да се мобилизираат широките женски работни маси за борба за рамноправност со мажите во сите јавни сфери на животот.