Османи во Анталија на состанок со шефовите на дипломатиите на земјите членки на ПСЈИЕ

Сподели со своите пријатели

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана на претседавачот со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу, денеска ќе престојува во Анталија, за да учествува на неформалниот состанок на министри за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ.

Loading...

Османи, во рамките на министерскиот состанок ќе има одвоена билатерална средба со домаќинот, министерот на Турција, Мевљет Чавушоглу.

Османи, како што соопшти МНР, присуството во Анталија ќе го искористи да се сретне и со својот српски колега Никола Селаковиќ, што воедно ќе биде и прва средба по преземањето на нивните нови должности.

Османи на состанокот ќе ги претстави националните мерки при справување со кризата предизвикана од пандемијата, можните начини за стратешка соработка и партнерства преку бројните регионални иницијативи, вклучително и Берлинскиот процес со кој оваа година ко-претседаваат Северна Македонија и Бугарија, стои во соопштението на МНР.

Министрите на состанокот ќе дискутираат на темата „Начини на зацврстување на соработката во справување со пандемијата со Ковид-19 и искуствата на земјите од ЈИЕ“.  Фокус на министрите ќе биде да најдат начин за интензивирање на регионалната соработка во време кога Европа и светот се соочуваат со пандемијата предизвикана од Ковид-19, како и кон приоритетите за воспоставување поголема поврзаност на регионот, младината и нејзиното значење во општествата, дигитализацијата, културата и туризмот, додава МНР.

Неда Димова-Прокиќ

Leave a Reply