Општината направи ребаланс на буџетот за да набави таблети за учениците

Сподели со своите пријатели

Советниците на последната седница го усвоија ребалансот на буџетот на Куманово.

Loading...

Средства од различни ставки се префрлија за набавка на таблети за ученици од ранливи категории семејства, меѓу нив и 500.000 илјади денари од средствата кои општината ги одвојуваше за „Порака Наша“ која не работеше од март до ноември, годинава.

На седницата, претставникот од секторот за финансии Виолета Димитриевска посочи дека и 360.000 денари од УНДП ќе се користат за образовани асистенти во неколку основни училишта.

Зголемен е приливот на средства по однос на наплата на данок на имот за четири милиони денари, намалувања има кај надоместок за легализација на бесправно изградени објекти.

Во делот трансфери и донации има зголемување, рече Димитриевска од над 12 милиони денари, од нив четири се од Министерство за транспорт и врски наменети за асфалтирање на зоната во Речица, три милиони од Министерство за животна средина за реконструкција на фекална канализација во дел од населбата Бедиње, пренесен вишок има од лани од буџетот на државата од нешто над 5,4 милиони денари за замена на греење во градинка „Пчелка“, во училиштето „Браќа Миладиновци“ и Центарот за култура.

Оваа година поради избори и ковид состојба појасни Димитриевска има намалувања за вработувања, за стоки и услуги над шест милиони, за комунални услуги за греење над 3, 8 милиони и 750.000 денари за ситен инвентар. Зголемени се приходи за зеленило за три милини, намалување на субвенции, поддршка на здруженија, за канцелариски мебел, 35 милиони денари како основачки влог на ЈП „Пазаришта“ а зголемување има за ставка судски решенија.

– Намалувањата ќе придонесат за зголемување на капитални расходи како и од капитални дотации од министерства-појасни Димитриевска.

Советниците од опозицијата побараа дел од средствата да се користат за набавка на брзи тестови, што градоначалникот Максим Димитриевски го одби со образложение дека државата ќе набави и достави такви тестови и истакна дека средствата кои се заштедени и не се искористени ќе се пренаменат за набавка на опрема за учениците за онлајн настава, а бидејќи нема реализација на културни настани, тие средства ќе се искористат за градежни активности.

Loading...

Во дебатата со советниците од опозицијата Анета Шандева Доневска и Зоран Петрушевски, Димитриевски истакна дека вработувањата во општината се спроведуваат согласно годишниот план за вработување, дека има одредени испразнети места и дека се регулира статусот на веќе ангажираните преку договор за привремени вработувања во општината.

 

Leave a Reply