Општина Куманово започна со дистрибуција на решенија за данок на имот

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово ги информира граѓаните дека започна со дистрибуција на Решенијата за данок на имот за физички и правни лица за 2023 година преку АД Македонска пошта. Дистрибуцијата започна завчера и самата постапка би требало да заврши заклучно со наредната недела.

Loading...

Сите даночни обврзници, кои веќе имаат платено данок на имот за 2023 година не треба да ги земаат во предвид Решенијата, кои ќе ги добијат на домашна адреса.

Сите даночни обврзници кои се сопственици на имот што се оданочува, корисници или плодоуживатели на имот, а кои на својата адреса нема да добијат Решение за данок на имот за 2023 година до 15 мај, се повикуваат да се обратат во просториите на Секторот за даноци и такси при општина Куманово, спроти градскиот стадион, поранешна зграда на АД „Козјак“, канцеларии бр.3 и бр.10, за да се информираат и консултираат за својата законска обврска.

Општина Куманово апелира до сите граѓани и фирми совесно и одговорно да се однесуваат кон законската обврска за плаќање на данок на имот и истовремено ги повикува сите граѓани, односно сопственици на имот што се оданочува, корисници или плодоуживатели на имот, да го пријават или одјават имотот што е предмет на оданочување.

Секој корисник или сопственик на имот кој се оданочува е обврзан во рок од 15 дена од моментот на стекнување на имотот, односно од добивање на употребна дозвола или впишување во Агенција за катастар на недвижност, да го пријави во Секторот за даноци и такси при општина Куманово. Доколку не го пријави, Општината ќе постапи согласно законските надлежности.

Своите обврски даночните обврзници можат да ги плаќаат и електронски, на новата дигитална платформа за електронска наплата на сајтот enaplata.kumanovo.gov.mk, каде што со снимање на матичен број на обврзник и регистрација преку меил ги има сите обврски за сите години.

За сите нејаснотии и објаснувања во овој дел, граѓаните и правните лица можат да се обратат во просториите на Сектор за даноци и такси при општина Куманово, поранешна зграда на АД „Козјак”, спроти градскиот стадион.