Општина Куманово објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците за приклучок на гасификациона мрежа за 2026 година, со цел да ги стимулира граѓаните да користат еколошки поповолно греење.
Со повикот, локалната самоуправа ќе субвенционира по 25.000 денари за секое одобрено барање, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сѐ до исцрпување на вкупниот буџет од 300.000 денари, но најдоцна до 30 ноември 2026 година.
Право на учество имаат жители на општината кои склучиле договор за приклучок и добиле решение за приклучување од јавното претпријатие ЈП „Куманово Гас“ по објавувањето на повикот.
Истовремено, услов е барателите да немаат претходно искористено субвенција за истата намена од друг извор во државата.
Од повикот се исклучени домаќинствата кои веќе имаат приклучок на гасоводната мрежа, како и сопствениците на објекти кои сѐ уште се во фаза на изградба.
Аплицирањето се врши со доставување на пополнето барање и потребната документација во архивата на Општина Куманово, во затворен плик со назнака за јавниот повик.
Секој апликант може да поднесе само едно барање.
Постапката ќе ја спроведува комисија формирана од градоначалникот, која ќе ги разгледува пристигнатите апликации и ќе изготвува листа на корисници на субвенцијата.
Исплатата ќе се врши сукцесивно, според редоследот на пристигнување на барањата.
Од Општината најавуваат дека редовно ќе ја информираат јавноста за преостанатите средства, а по нивното целосно искористување ќе биде објавено и официјалното затворање на повикот.

