Општина Куманово објави јавен оглас за избор на компанија за одржување на вертикалната сигнализација, информираа денеска надлежните од општината.
Според податоците објавени на електронскиот систем за јавни набавки, заинтересираните компании треба да достават општи документи, меѓу нив и документ за регистрирана дејност како доказ дека е регистриран како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за јавна набавка или доказ дека припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран.
Јавното отворање на понудите е закажано за 1 јуни годинава.
Избраната компанија во рок од два месеци ќе треба да ги замени дотраените, искршените сообраќајни знаци и семафори на подрачјето на Куманово
Кумановци велат дека несовесни возачи постојано ги уништуваат семафорите низ градот и дека се чувствуваат небезбедно, бидејќи со голема брзина се вози и на сообраќајниците каде што има семафори и онаму каде што недостасува вертикална сигнализација.
Од локалната самоуправа информираат дека постојано вложуваат средства за замена на уништените семафори.
МИА