Обединетите нации (ОН) укажаа на голем број цивилни жртви во војната во Украина, која трае веќе 500 дена.
Повеќе од 9.000 цивили, меѓу кои 500 деца, загинале од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, објави вчера мисијата на ОН за набљудување на човековите права во Украина.
„Денес означува нова темна етапа во војната која продолжува да прави ужасни жртви врз украинските цивили“, рече Ноел Калхун, помошник шеф на Мисијата на ОН за човекови права во Украина во изјавата објавена вчера, на 500-тиот ден од почетокот на војна, на 24 февруари 2022 година.
Иако оваа година бројот на жртви беше помал во просек отколку во 2022 година, тој повторно почна да расте во мај и јуни, велат набљудувачите.
Во ракетниот напад на Краматорск, на истокот на Украина на 27 јуни, загинаа 13 цивили, меѓу кои и четири деца.
Далеку од линијата на фронтот во Лавов, на запад, десет луѓе беа убиени во гранатирање рано наутро во четвртокот, во, како што рече градоначалникот, најголемиот напад врз цивилната инфраструктура од почетокот на инвазијата.
Во тој напад се ранети 42 лица, меѓу кои и три деца, се наведува во извештајот на украинското Министерство за внатрешни работи објавен вчера.
УНЕСКО соопшти дека нападот е и прв на зона заштитена со Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство и дека во неа е оштетена историска зграда.
Градовите Буча, на северот на земјата, недалеку од Киев, и Мариупол на југоисток, станаа симболи на нападите во 2023 година, за кои Русија е обвинета за воени злосторства и геноцид.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.