Неопходно е транзицискиот период во Сирија, по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад, да биде што е можно поинклузивен, изјави денеска специјалниот пратеник на Обединетите нации за таа земја Геир Педерсен и додаде дека организации како што се Хајат Тахрир ал Шам треба да бидат вклучени во тој процес, група која претходно беше означена како терористичка група од ОН, објави денеска Ројтерс.
„Поминаа девет години откако беше усвоена таа резолуција (со која Хајат Тахрир ал-Шам се прогласи за терористичка група). Реалноста е дека сега Хајат Тахрир ал-Шам, како и другите вооружени групи, испраќаат добри пораки до народот на Сирија. … за единството, инклузивноста“, рече тој на брифингот во седиштето на ОН во Женева.
Педерсен предупреди против повиците да се започне со репатријација на многуте бегалци кои избегаа од Сирија во текот на изминатите 13 години од конфликтот, истакнувајќи дека борбите во североисточниот дел на земјата сè уште се во тек, како и упадите на израелската армија.
„Исклучително е важно да не видиме никаква акција од ниту еден меѓународен актер, што би ја уништило можноста за таа трансформација во Сирија“, додаде тој.