Во извештајот објавен во понеделникот, Обединетите нации (ОН) силно ги критикуваат Талибанците за извршување јавни егзекуции, камшикувања и каменувања откако ја презедоа власта во Авганистан и ги повикуваат да престанат со таквите практики.
Само во изминатите шест месеци, 274 мажи, 58 жени и две момчиња биле јавно камшикувани во Авганистан, се наведува во извештајот на Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА).
„Физичкото казнување е кршење на Конвенцијата против тортура и мора да престане“, рече Фиона Фрејзер, шеф на агенцијата за човекови права.
Таа повика и на итен мораториум на егзекуциите, пренесува Асошиејтед прес.
Министерството за надворешни работи на Талибанците во својот одговор наведе дека авганистанските закони се поставени во согласност со исламските правила и упатства и дека огромното мнозинство Авганистанци ги следат тие правила.
– Во случај на конфликт меѓу меѓународното право за човекови права и исламското право, владата е должна да го следи исламското право – се вели во соопштението на Министерството.
Талибанците почнаа да спроведуваат такви казни веднаш по доаѓањето на власт пред речиси две години, и покрај првичните ветувања за поумерено владеење отколку за време на нивниот претходен мандат во 1990-тите.
Првото јавно камшикување по преземањето на Талибанците беше пријавено во октомври 2021 година во северната провинција Каписа, се вели во извештајот.
Во тој случај, една жена и еден маж осудени за прељуба биле јавно камшикувани по 100 пати во присуство на верски научници и локалните талибански власти, се наведува во извештајот.