Ова Спасовски го истакна на средбата со експерти од полициите на земјите од т.н. Вишеградска група – Словачка, Чешка, Полска и Унгарија, како и експерти од Словенија и Србија, кои се во скрининг посета на МВР, а во рамки на проектот за поддршка на земјава во справувањето со мигрантската криза.
Свесни за состојбата која постојано се заканува да ескалира, побаравме помош од пријателите на Македонија. МВР врз основа на билатералните договори за полициска соработка упати барање за помош до повеќе држави, меѓу кои Австрија, Чешка, Хрватска, Словачка, Полска, Србија, Унгарија, Словенија, барајќи поддршка и помош за организирање заеднички операции за засилен надзор на јужната граница. Досегашната соработка резултираше со откривање на 858 мигранти кои користеа лажни или фалсификувани документи за да остварат влез во земјава, рече денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Како што велат од МВР, главна цел на самата посета, односно мисија, е утврдување на правната рамка за спроведување на проектот, увид во тековната состојба и проценка на потребите.
Република Македонија, поради својата географска положба се наоѓа во сосема незавидна ситуација предизвикана од незапирливиот бран на бегалци и мигранти кои доаѓаат на нашата јужна граница. Во текот на минатата година, транзит низ Република Македонија остварија преку 720 илјади луѓе, истакна меѓу другото министерот Спасовски посакувајќи им добредојде во свое и во име на МВР на експертите од посочените земји.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.