ОКТА донираше ново ПП возило за Противпожарната единица на Куманово

Сподели со своите пријатели

Кумановската противпожарна единица доби донација противпожарно возило од компанијата ОКТА. Оваа донација ќе придонесе кон зголемувањето на ефикасноста и капацитетите на територијалната единицата за противпожарна интервенција на Куманово.

Donacija za PP edinica Kumanovo_2

Loading...

Ова е втора донација на ОКТА годинава во делот на противпожарната заштита. Овој пат се одлучивме да донираме возило на територијална противпожарна единица на Куманово, како наши долгогодишни соработници. Нашата успешна соработка беше потврдена и преку учеството на единицата во интерактивната оперативна вежба за справување во инцидентни состојби, која неодамна беше организирана во ОКТА. Заедно покажавме висок степен на професионализам и координираност во напорите за спречување на кризи предизвикани од непредвидливи ситуации. Се надевам дека оваа донација ќе придонесе за поголема ефикасност во работата на Кумановската противпожарна единица”, изјави Сузана Црвенкова, Менаџер на здравје, безбедност и животна средина во ОКТА.

За општина Куманово, оваа донација е повеќе од добредојдена.

„Партнерскиот однос што го имаме со ОКТА досега многу пати се покажал на дело и од двете страни. Тактичката вежба е само еден дел од она што нашата противпожарна единица е подготвена да направи, но за што поефективно реагирање во дадени ситуации, потребно е да биде опремена со што повеќе возила. Затоа оваа донација е од големо значење и ќе ни овозможи поголема контрола и мобилност при услови на природни непогоди и други несреќи. Врз досегашното позитивно искуство и корпоративна култура на ОКТА, веруваме дека соработката ќе продолжи и ќе ги зацврстиме партнерските и пријателски релации“, изјави  Валентина Алексовска, Секретар на Општина Куманово.

Donacija za PP edinica Kumanovo_1

Како резултат на вонредното залагање кон извршувањето на работните задачи во областа на заштитата и спасувањето, на компанијата ОКТА и беше доделено признание од страна на г. Екрем Зендели, заменик директорот на Дирекција за заштита на спасување. На средбата беше презентиран и филмуваниот материјал од спроведената оперативно – тактичка вежба за кризен менаџмент, во која учествуваа професионалната ПП и универзалната единица на ОКТА, противпожарна екипа од Куманово, ПП единицата од Аeродромот Александар Велики, противпожарната авијација на Дирекцијата за заштита и спасување, како и медицинскиот персонал од поликлиниката Неуромедика и Црвен Крст на град Скопје.