ОК ВМРО-ДПМНЕ: Општина Куманово нема можности и ресурси да обезбеди сместување на мигранти

Сподели со своите пријатели

Советничката група на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата побара итна седница на Советот на Општина Куманово на која би се расправало за стратегијата и акциониот план на Владата за интеграција на мигрантите. 

Тие велат дека Општина Куманово, исто како и останатите општини во државата, нема можности и ресураси да им обезбеди сместување на овие лица.

Прес конференцијата ја пренесуваме интегрално:

Владата, покрај низата штетни политики во последно време на големо  почна да ја промовира и стратегијата за интеграција на мигрантите, која има за цел Република Македонија да се претвори во една голема мигрантска населба, каде трајно ќе се сместат голем број бегалци и мигранти од различни подрачја.

Владата донесе Стратегија и Акционен план за период од 10 години со кој на мигрантите со средства од државниот буџет ќе им обезбеди олеснета постапка за државјанство, домување преку изградба на згради, станови и цели населби низ Македонија.

Хуманоста на нашиот народ кој и покрај економските тешкотии во минатото , никогаш не бил доведен во прашање. Тоа сме го докажале во многу наврати,со срдечна помош на секого. Но со овие потези на владата опасно се доведува во прашање целокупната демографска, безбедносна и економска состојба на земјата.

Би сакале да прашаме:

Зошто за клучни прашања, а посебно за ова не побаравте одобрување од граѓаните на Македонија? Се согласуваме дека, морална обврска е да се помогне на овие на кои помош им е потребна, на не по цена на жртвување на квалитетот на живот на граѓаните. Сите гледаме дека,   многу поголеми и побогати држави  од Македонија, се соочуваат со страшни предизвици и огромни потешкотии во интеграцијата на мигрантите во системот. Замислете што ќе се случи кога Македонија за краток временски период ќе се соочи со стотици илјади мигранти кои од неа ќе побараат да ги вдоми, образува, вработи и целосно да ги инплементира во системот?

Во планот предвидовте и квоти по кои мигрантите и бегалците систематски да се сместуваат во општини низ Македонија. Но да ве прашаме дали вие претходно направивте сериозна проценка и ги консултиравте општините? Како и останатите така и Општина Куманово нити има можности нити ресурси да обезбеди сместување на мигранти како што налагате.

Кои се гаранциите дека нема да се загрози безбедноста, работните места на граѓаните, дека нема да се зголемат даноците и останатите давачки и сето тоа на сметка на наметната од надвор обврска да ги задржи во предворјето на Европската Унија мигрантите кои ЕУ не сака да ги прими?

Силно да ви нагласиме дека граѓаните на Македонија треба да се нашиот приоритет во вработувањето, социјалната заштита, домувањето, и во сите сегменти од животот. Бараме Владата на СДС да ја повлече оваа несериозна стратегија која ќе го дестабилизира економскиот и безбедносниот систем и да ги пренамени средствата во Куманово, за граѓаните на Куманово. Да им помогне на младите брачни двојки, социјално загрозените семејствата, без решено станбено прашање. Се надеваме дека со пренамена на средствата ќе обезбедите повеќе места за сместување на дечињата  во детските градинки и ќе овозможите повеќе работни места за граѓаните во Куманово, бидејќи сериозна држава треба да ги решава проблемите на граѓаните.

Затоа како советничка група. во име на граѓаните бараме под итно да се закаже седница на Советот на општина Куманово, каде ќе се расправа за стратегија и акциониот план на Владата за интеграција на мигрантите – вели Валентина Јовановска од ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово.