ОК на ВМРО-ДПМНЕ: Куманово е град со услови за живот како во средниот век (видео)

Сподели со своите пријатели

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово денеска излезе на прес конференција на која обвини дека Куманово наликува на град од средниот век и дека освен што неколку дена беше без осветлување, на секој чекор изникнуваат диви депонии и смет.

Секојдневно поминувајќи низ улиците на Куманово може да се забележат депонии ,кои некои и со недели и месеци не се третираат од страна на ЈП “Чистота и зеленило„ и кои преставуваат лоша слика за градот но и потенцијален извор на многу заразни болести. Во самиот центар на градот има ѓубре на сите страни. Причини за оваа непријатна слика се многу,нередовното собирање на ѓубрето,недостиг на контејнери и канти за ѓубре и слично – вели Ивана Јакимовска, член на Советот на Општина Куманово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие упатија прашања до градоначалникот дали лошата финансиска состојба на комуналното претпријатие е причина за ваквата состојба и доцнењето на месечните исплати на вработените.

Граѓаните на Куманово се сеќаваат дека во низата празни ветувања коишто ги изнесувавте за време на изминатите предизборија беше и големата посветеност за зелено и чисто Куманово. За жал, големата посветеност кон чистата и здрава животна средина се сведе на прецизна агилност за наплата на ѓубрарината и ништо повеќе – додава Јакимовска.

Тие порачаа дека е време за вистинско, а не шарено будење зошто само така, според ОК на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има одговорна политика која ќе им служи на граѓаните.