Одложено судењето за „Пуч“

Сподели со своите пријатели

Стартот на судскиот процес за случајот „Пуч“ е одложен за 7 септември, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е четвртообвинет, не дојде во кривичниот суд.

Loading...

Заев, уште кога беше прифатено обвинението од страна на судот, изјави дека не го признава судот и дека нема да присуствува на закажаните судски рочишта, ниту, пак, ќе ја почитува мерката која му беше определена, да се јавува секој понеделник во Судот.

Судијката Љубинка Башеска, како претседател на судечкиот совет, најпрво го констатира писмото добиено од судот во Струмица, испратено пред повеќе од еден месец, со кое се потврдува дека Заев најавил дека нема намера да ги почитува мерките на претпазливост, а потоа и неговото неприсуство на првото судско рочиште.

Судот побара објаснување за недоаѓањето на Заев, а неговата одбрана само го потврди она што го кажа лидерот на СДСМ истиот момент кога судот донесе решение да го прифати обвинителниот акт. На објаснувањето на адвокатот Филип Медарски дека за овој случај постои и политички договор, судијката Башеска одговори дека таа „не работи според политички договор, туку по закон.“

„Овде имам двајца луѓе во притвор и јас морам итно да постапувам. Кој ќе ме оправда мене ако не закажам ново судење до крајот на август“, јавно праша Башеска и рече дека доколку Заев не се појави и на следното судско рочиште таа ќе наложи негово стражарно спроведување.

Обвинителот Златко Биковски кој го поднесе обвинението против Заев, пак, рече дека тој не ќе може да присустува на следното судење, ако тоа биде закажано за овој месец.

Со согласност на притворените Зоран Верушевски и електроинженерот Ѓорѓи Лазаревски, беше договорено следното судење да се закаже за седми септември, но мала е веројатноста дека и тогаш ќе се одржи рочиште со оглед на тоа што постои силен притисок овој случај да премине во рацете на идниот специјален јавен обвинител.

Пред скопскиот кривичен суд, инаку, дојде мала група поддржувачи на Зоран Заев кои носеа транспарент со неговиот лик и на кој беше испишано „Вистината за Македонија“. Тие со скандирање останаа пред скопскиот кривичен суд се’ до крајот на судењето.

Loading...

Предметот „Пуч“ беше отворен на 31. јануари оваа година по јавното обраќање на премиерот Никола Груевски кога тој обвини за обид за државен удар. За истата работа се најдоа во притвор и екс разузнавачот Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, Бранко Палифров вработен во Општина Струмица, Ѓорѓи Лазаревски и уште едно лице вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Тие се обвинети за наводна шпионажа, за неовластено прислушување и тонско снимање, а Зоран Заев за закани кон највисоки државни органи. Тој на трите појавувања пред Јавниот обвинител, но и во повеќе наврати од говорница кажа дека немало никакви закани, туку дека од Груевски побарал оставка и организирање на нови, фер и демократски избори.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.