Одговор на реакцијата на СДММ Куманово

Сподели со своите пријатели

Во реакцијата на СДММ  на мојата колумна објавена претходната недела,  беа изнесени неколку невистини и пропагандни флоскули  на кои беше невозможно да  се постапи на поинаков начин отколку со одговор на истите, а со цел да се расчистат некои дилеми.

Ќе почнам со  нивната  грижа за јавниот дискурс и би им препорачал да ги читаат Бранко Тричковски, Мирослав Грчев, Саше Ивановски – Политико и други на кои многу нивни сопартијци се воодушевуваат, а чии текстови претставуваа брутално газење на било каква можност за пристојна јавна артикулација на политички став.

Но сепак нивните секојдневни испади со навреди, омраза и разни пропагандни небулози делуваат  бенигно во споредба со минатонеделната реакција на младинците од СДСМ. Заклучокот произлегува од фактот што се работи за многу млади луѓе а веќе индоктринирани и  исполнети со толку гнев и лаги и што за нивна вредносна  деконтаминација ќе треба многу време.

Проблемот е комплексен затоа што најмалку се работи за идеолошко разидување, а многу повеќе за  еден квази – вредносен приказ на очајот во кој се наоѓа СДСМ. Тотално дефокусирани и изманипулирани од своите ментори кои се едниствените задоволни во овој случај,затоа што по писмото се гледа дека создале една нова генерација на патетични хејтери и тривијалисти кои доследно ќе ја наследат и  надградат конструкцијата на лаги на СДСМ.

Имено еден од тестовите на кој СДММ положи со највисока оценка, е обидот во недостиг на вистински аргументи преку, за нив  типична дискредитација да ме поврзат со партијата, злоупотребувајќи ги моите блиски роднински и пријателски врски со активисти на СДСМ. Понатаму,  охрабрени со без ниту малку критичка свест,  ги пресликаа тезите на нивните актуелни идеолошки водачи Фрчкоски, Ордановски и други, кои безсрамно последниве неколку години се обидуваат да  наметнат една  отровна теза на  македонската јавност, за наводната  анти-македонска природа на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ваквите лаги и конструкции веруваат и ги шират само мал број на пропагандни активисти,с тавени во функција на делегетимирање на ВМРО, по некој пензиониран воен старешина или истакнат општественик од претходниот систем и очигледно структура во СДММ, кои изворно без никаква додавка или критички осврт ги напишаа во реакцијата.

Ваквото папагалско повторување на небулозите на нивните ментори оформени во флосколи одат во прилог на тезата на професорот Фрчкоски (на кој толку многу се повикува СДСМ) кој пред десетина години напиша дека единствениот квалитет на младинскатата организација на СДСМ е во квантитетот.

И покрај  напишаниот вовед,водбивам да се согласам со професорот затоа што  верувам дека во СДСМ има квалитетни млади луѓе кои се имуни на бруталното перење на мозоци внатре во партијата, и кои за жал се маргинализирани. Потребна е нивна афирмација во блиска иднина за да може Зоран Заев и неговата екипа, која ја создаде политичката криза, да бидат што поскоро повлечени од партиското водство со цел да се спаси она што остана  од СДСМ.

Во реакцијата младинците од СДСМ отвараат многу теми за кои е потребнo поголем простор за полемизирање, а кој по се` изгледа би бил потрошен залудно ако се земе во предвид со колкава леснотија и нихилистичка задоеност  се обидуваат ВМРО-ДПМНЕ  да го спротистават со илинденската епопеја, НОБ и АСНОМ, со референдумот и прогласувањето на независноста на 8-ми септември 1991-ва година, сите позитивни моменти последниве 25 години независност, а заслугите  да му ги припише на СДСМ и нивните претходници. Сето наведено во овој дел е тотална бесмислица и е производ на една со децении, стрпливо градена матрица за стигматизирање на ВМРО- преку негово антинародно и бугарофилско ретуширање со помош на  надградени сталинистички методи.

Она што е посебно симптоматично е лекцијата за патриотизмот која ни ја одржа СДММ.

За нив, луѓето со однапред наметнатото медиокритетство, живеат добро нахранети, кротки и задоволни во една мочурлива средина од лажна благосостојба со приказни за квази – социјална правда раскажувани од најспособните владетели на СДСМ кои  ја проектираат заедничката судбина во услови на егалитарната хармонија. Очигледно ги има фатено еуфорија, вообразеност дека се авангарда која руши диктаторски режим така да освестувањето ќе биде многу болно, кога ќе сфатат дека служеле за еднократна употреба за реализација на туѓи цели,кои се во директна колизија со личните слободи и права, со правната држава, поточно за се` она за што не престанаа да навиваат сиве овие месеци на деструкција на државата.

Зборуваат за патриотизмот, а нивниот партиски функционер и претседател на Советот на општина Куманово не дозволи ниту да се дискутира за иницијативата за промена на името на  плоштадот Нова Југославија  во плоштад Македонија, што претставува скандал од огромни размери, антидемократски чин кој не дозволува елементарни услови за отворена дебата за  иницијатива на илјадниви кумановци.

СДСМ и покрај тоа  што почна да ни дели лекции за патриотизмот за кои нивниот лидер Зоран Заев во една пригода рече дека не им прилега, како наследник на комунистичкото минато претставува  главен протагонист во тивката повеќедецениска кампања, која има за задача да инсистира, името Македонија се уште да претставува табу тема во Куманово.

Намерата е во Куманово се` уште онака срамежливо и кротко, како што си замислуваат од СДСМ, да се изговара Македонија, а секој посмел подвиг да биде грубо санкциониран со етикетирање за некаков провинциски шовинизам, етноцентризам , едно време и бугарофилија.

Во реакцијата може да се забележат многу невистини за кои мислам дека е доволно одговорено, надевајќи се  дека конечно ќе се напушти праксата на праќање на строго делегирани партиски памфлети под разни псевдоними,  и дека ќе започне една нормална политичка  дебата.

Пишува: Дејан Ристов


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.