По повод годишнината од отворањето на канцеларијата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, беше одржана свеченост на која присуствуваа бројни гости и претставници на институции од двете земји.

На настанот, организиран по покана на почесниот конзул на Србија во Македонија, Владимир Стајиќ, присуствуваа градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска.

Свеченоста ја збогатија и високи претставници на институциите, меѓу кои Александар Кнежевиќ – вршител на должност во Амбасадата на Србија во Македонија, Љиљана Субиќ – конзул во Амбасадата на Србија, Иван Стоиљковиќ – заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Зоран Љутков – министер за култура и туризам, пратениците Даниел Стојчевски, Бране Петрушевски и Драган Недељковиќ, како и директорот на Царинската управа Бобан Николовски и раководителот на Секторот за култура и спорт, Александар Крстевски.

На настанот присуствуваа и претставници на српски здруженија и организации од Куманово и пошироко.
Конзулатот, како што беше истакнато, има значајна улога во унапредувањето на односите меѓу двете земји во областите на културата, образованието, економијата и туризмот.

Почесниот конзул Владимир Стајиќ изрази благодарност до Владите на Македонија и Србија за континуираниот ангажман во негување на пријателските и стабилни врски меѓу двата народа кои, како што нагласи, ги поврзуваат заедничка историја и култура.

Никола Ивановски

