Од наредната недела – нови законски можности за приватизација и закуп на земјиште

Сподели со своите пријатели

Со последните измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кои ги донесе Собранието на Република Македонија и кои треба да стапат на сила на почетокот на наредната недела се предвидуваат повеќе поволности за граѓаните на Република Македонија, соопштија на вчерашниот прес, Славче Трпески, директорот на Агенцијата за катастар на РМ и Зоран Крстаноски од Управата за имотно – правни односи при Министерството за финансии.

Loading...

Како што беше истакнато, најпрво се дава можност и физичките лица кои правото на користење на градежното земјиште го стекнале со надомест, како и поранешните сопственици на градежното земјиште, да приватизираат во рамките на запишаното право на користење, во услови кога нема Детален урбанистички план или друг акт за урбанистичко планирање со кој се дефинира градежна парцела.

– Досега оваа можност да го приватизираат градежното земјиште во површината што им е запишана во имотен лист им беше дадена само на поранешните сопственици на градежното земјиште, а сега го прошируваме опфатот и со физичките лица на кои во минатото им било дадено земјиште на користење со цел на истото да изградат куќа или друг објект и за ова платиле одреден надомест. Поради тоа овие граѓани за приватизацијата на земјиштето нема да треба да плаќаат никаков надоместок, истакна Трпески.

Една од новините во овој закон е воведување на посебна постапка со која се решава проблемот на голем број поранешни сопственици на градежно неизградено земјиште кои не поднеле барање за приватизација до истекот на крајниот рок за поднесување на барања, односно до 15.12.2014 година.

Имено, поранешни сопственици, кои се запишани како корисници на градежно неизградено земјиште, најдоцна до 15.06.2016 година до Агенцијата за катастар на недвижности ќе можат да поднесат пријава за промена на правото на користење на градежното неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон.

Со оваа новина се дава последна шанса лицата кои не поднеле барање за приватизација а се корисници на градежно неизградено земјиште тоа да го направат до 15.06.2016 година и во една поедноставена постапка правото на користење на го пренесат во право на сопственост.

Во овој закон вградени се и дополнителни одредби кои ќе придонесат за поефикасно расчистување со корисничките права на трети лица и ќе бидат од директна корист за сопствениците на објектите на градежното земјиште.

Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост се предвидува и електронско поврзување на Управата за имотно-правни работи и Агенцијата за катастар на недвижности.

Во тек се процедурите за потпишување на Договорот за користење на електронскиот шалтер на Агенцијата и по неговото потпишување и завршувањето на обуките за неговото користење, се очекува од 01.10.2015 година Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за имотно правни работи да работат исклучиво по електронски пат.

Loading...

Ова значи дека 01.10.2015 година нема повеќе граѓаните и правните лица да бидат упатувани од шалтерите на Управата до шалтерите на катастарот и обратно туку целокупната коресподенција и запишување на приватизираниот имот меѓу двете институции ќе биде исклучиво електронски.

Значајна новина која исто така ќе се реализира по електронски пат, е создавањето на законска можност градежното неизградено земјиште кое не е опфатено со актите за урбанистичко планирање, односно е вон плански опфат, а на кое право на користење имаат физички и правни лица, врз основа на Заклучок донесен од страна на Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар на недвижности да изврши промена на правото на користење во право на сопственост, истакна Трпески.

Ова практично значи дека сите граѓани кои имаат корисничко право на неизградено градежно земјиште а истото е надвор од Генералниот урбанистички план односно нема донесен никаков план на брз и ефикасен начин врз основа на донесен Заклучок од Управата да го приватизираат земјиштето.

 


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.