Од март в година повторно плаќање сметки преку националната Пошта

Сподели со своите пријатели

Вкупно 71 процент од сите активности со прометот во АД Пошти на Северна Македонија ќе остане во поштата, а 29 проценти ќе биде за Халк банка АД Скопје, која денеска, со потпишувањето на договорот за соработка, стана новиот партнер на АД Пошти на РСМ, изјави генералниот директор на АД Пошти на РСМ, Јани Макрадули.

Loading...

Договорот за соработка е потпишан на 15 години, и за него Макрадули смета дека освен што ќе биде финансиска инекција за тековното работење, ќе овозможи и да се подобрат другите планирани услуги. Рокот за имплементација на договорот е два месеца и Макрадули верува дека тој период е доволен за Халк Банка АД Скопје да се прилагоди на системот на АД Пошти на РСМ.

– Верувам дека има време, бидејќи системот со кој што аплицираа, беа свесни за условите, за начинот на кој вработените во пошта се навикнати да работат, на какви апликации и затоа, тој рок е навидум краток, но, во апликацијата има потполна подготвеност од нивна страна за да може за два месеци да започне работата, појасни Макрадули.

Како најзначајно, Макрадули го истакна тоа дека околу 300 точки, од денеска, или од моментот кога ќе профункционира, во рок од максимум два месеци, ќе станат достапни за граѓаните да можат да ги остваруваат своите услуги од платен промет.

Главниот извршен директор на Халк банка АД Скопје, Билал Суџубаши, изрази задоволство за соработката со, како што рече тој, една еминентна и историска институција.

– Сметаме дека една институција како АД Пошти на РСМ, која е претставена во скоро сите, дури и најдалечни точки на оваа земја, во соработка со  еден значаен бренд како Халк Банка АД Скопје, ќе можеме  на клиентите, во иднина, да им дадеме многу подобри, поквалитетни и пообемни услуги, рече Суџубаши,  изразувајќи надеж дека ова партнерство ќе биде корисно за двете страни како и за Владата.

Договорот е чекор кон финансиско стабилизирање на АД Пошти на РСМ, по затворањето на Еуростандард Банка, со која што, Пошти имаше претходна соработка, и поради која, беше принудена да го стопира платниот промет и обезбедувањето на финансиските услуги за многу граѓани и правни лица, во август оваа година.

Ангела Рајчевска

Loading...

Leave a Reply