Обвинетите во „Диво насеље“: Целиот настан е направен за пари

Сподели со своите пријатели

Триесет и седум лица денеска конечно седнаа на обвинителна клупа во салата на Врховниот суд каде се одвиваше рочиштето за случајот „Диво насеље“.

Обвинетите по втор пат даваа исказ, откако на 29те обвинети за акцијата во кумановската населба им се приклучија уште осум лица од случајот „Молња“, обвинети за логистичка поддршка за настаните од мај минатата година. Но, ништо поразлично не кажаа обвинетите ниту денес.

Трагедијата која се случи лани во кумановското Диво Насеље има само еден „архитект“. Целиот настан е направен за пари. Шест дена, лани во мај месец престојувавме во таа населба. Никој ниту се пожали, ниту пак имаше негативни реакции – изјави Дем Шеху, а пренесе порталот ПлусИнфо.

Според Амди Красниќи, во некои куќи влегле со сила, а не им биле одброволно отстапени како што тврди Основното јавно обвинителство, нагласувајќи дека прв пат ги гледа лицата обвинети за логистичка поддршка.

Но, од друга страна јавниот обвинител, Наум Пановски истакна дека според прибавените докази јасно било дека сите обвинети меѓусебно се познавале и биле во постојана комуникација, а дека ОЈО има доволно докази да докаже дека тие се виновни.

Според, ПлусИнфо, ниту салата се реновира како што претходно најавуваа надлежните, а двата полициски хеликоптери денес не го надлетувале судот, што до сега беше пракса на секое рочиште, а намалено било и полициското присуство.

Обвинетите се изјаснуваат дека не се терористи, иако во јавноста се појавија многу шпекулации дека токму државниот врв е вмешан во самата дводневна војна која се одвиваше во Куманово, во која осум полициски службеници ги положија своите животи, а илјадници граѓани беа затворени во своите домови во страв и паника не знаејќи што навистина се случува.

Извор: ПлусИнфо

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.