Изминатите 24 часа територијата на Македонија беше погодена од влажен бран при што на некои места во западните делови наврнаа и поголеми количини на дожд (Рашче 74 mm, Попова Шапка 59 mm, Маврово 40 mm).
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, иако на места обилни, поради изминатиот сушен период врнежите не предизвикаа поголеми зголемувања на водостоите на реките низ земјава.
– Во текот на денот, како за време на утрешниот ден, повторно се очекуваат врнежи од дожд но количински помалку и со нешто помал интензитет во однос на вчерашните, стои во соопштението.
Овие врнежи, додаваат од УХМР, се очекува да ги зголемат водостоите на реките низ земјава без опасност од појава на излевање на водата од речните корита на водотеците.
– После долгиот сушен период ќе бидат добредојдени за природните езера во земјава, особено за Преспанското Езеро и Дојранското Езеро чии што водостои се под минимално дозволените, а исто така и за подобрување на состојбата со вештачките акумулација и нивно извесно наполнување со вода, се додава во соопштението.
Никола Ивановски