Обезбедени средства за реконструкција на Спомен Костурница и улицата „Братство и единство“

Сподели со своите пријатели

Спомен Костурница во Куманово целосно ќе се реконструира, ќе добие игралишта, амфитеатар, трим патеки, а сето тоа ќе чини 477.000 евра, средства кои Општина Куманово ги обезбеди во рамките на ИПА2 програмата за прекугранична соработка, заедно со општината Гњилане од Косово, како партнер.

Loading...

Станува збор за два проекти, каде покрај реконструкцијата на монументалниот споменик, се обезбедени пари и за целосно реконструирање на подземната инфраструктура на улицата „Братство и единство“, а ќе се обезбедат и нови 150 контејнери, информираше денеска на прес конференција, градоначалникот Максим Димитриевски.

– Едниот проект се однесува на зајакнување на вредностите на природно и културно наследство на општината со вкупен износ од 477.000 евра, а се однесува на изградба на игралишта, амфитеатар, трим патеки и други содржини од интерес на граѓаните на локација Спомен Костурница во Куманово. Вториот проект е за одржливи еколошки и здравствеи придобивки во прекуграничната област, во кој покрај општините партнери се јавните претпријатија „Водовод“ од Куманово и „Хидроморава“ од Гњилане, истакна Димитриевски.

Вториот проект изнесува 533.000 евра, односно заедно од европските фондови, двете општини ќе добијат нешто над милион евра за реализација на предвидените проекти.

Со овој проект, како што истакна градоначалникот на Општина Гњилане Љутфи Хазири, ќе се продлабочи соработката помеѓу земјите од регионот.

– Оваа соработка во овој дел на Западен Балкан докажува дека ние можеме да ги надминеме тие пречки за комуникација и размена на стоката и бизнисот. Континуирана е соработката во овие последни две години, општина Куманово и Гњилане соработуваат повеќе од 15 години меѓу себе, факт е дека со реализирањето на претходниот проект и добивањето на овие два проекти нашата соработка се продлабочува уште повеќе, изјави Хазири.

Loading...

Претходно двете општини, преку проект од ЕУ, обезбедија реконструкција на градските пазари, а се надеваат дека ќе работат на уште проекти во иднина.

Куманово и Гњилане годинава соработката ќе ја крунисаат и со збратимување, на 10 ноември, по повод Денот на ослободувањето на Куманово.

Никола Ивановски

Leave a Reply