Градоначалникот Максим Димитриевски денеска го посети паркот и новото детско игралиште што се наоѓа спроти поранешен маркет „Туш“.
Изградбата на детскиот парк е преку проектот „Чиста околина – здрава животна средина“ на Центарот за ромска заедница ДРОМ – Куманово, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан – ReLOaD, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), со учество на Општина Куманово, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
– Ова катче кое своевремено беше една од најголемите диви депонии во градот, се преуреди, да можат младите да го поминуваат своето време. Одвоени се некаде околу 5 илјади евра за оваа катче да го добие овој лик и дополнително многу труд, работа, ангажман и општествена одговорност, којашто не се плаќа со пари. Но, самиот момент со учество на граѓаните, да го исчистат тоа што со години беше тука фрлано, укажува на фактот дека ќе се води поголема грижа во делот на депонирање на отпадот, изјави Димитриевски.
Градоначалникот упати апел до граѓаните да се однесуваат одговорно, да не исфрлаат отпад на дивите депонии, туку тоа да го прават преку јавното комунално претпријатие.
Никола Ивановски