Новиот претседател на Бразил: Сакаа да ме закопаат жив, но тука сум

Сподели со своите пријатели

Луиз Инасио Лула да Силва победи во вториот круг од претседателските избори против Жаир Болсонаро, кој не успеа да го добие вториот мандат.

Loading...

Левичарскиот кандидат Лула освои 50,83 отсто од гласовите, наспроти 49,17 отсто за десничарот Жаир Болсонаро, откако беа преброени нешто помалку од 99 отсто од гласовите, потврди Врховниот изборен суд на Бразил.

„Се обидоа да ме закопаат жив, но јас сум тука“

По објавувањето на резултатите Лула се обрати во неговиот штаб. Излегол на подиумот, но потоа му заѕвонил телефонот, па говорот доцнел неколку минути додека го завршил разговорот.

„Се обидоа да ме закопаат жив, но јас сум тука“, го отвори својот победнички говор. „Ова е победа за демократското движење, над интересите на сите партии и идеологии“, додаде тој.

„Прво, сакам да му се заблагодарам на Бога. Овие избори поставија две сосема спротивни визии на Бразил една против друга, а победникот е бразилскиот народ.

„Бразилците сакаат книги наместо оружје, тие сакаат да живеат добро, да јадат добро, да имаат работа и пристап до образование. Бразилскиот народ сака повторно да има надеж. Така ја разбирам демократијата. Сакам да се борам против расизмот, сакам мир. демократија и достоинство за Бразил“, рече тој. „Нема два Бразила. Ние сме една нација“.

Лула рече дека негов најголем приоритет е уште еднаш да го искорени гладот.

„Не треба да се прифати како нормално дека милиони мажи, жени и деца во Бразил немаат доволно храна. Тоа ќе биде огромен предизвик и неопходно е да се обнови земјата од сите аспекти.

Loading...

„Бразил се врати! – заклучи Лула.

Избори како референдум за иднината на Бразил

Изборите служеа како референдум за две сосема различни – и жестоко спротивставени – визии за иднината на Бразил.

Болсонаро вети дека ќе го консолидира остриот пресврт надесно во бразилската политика по претседателството во кое беше забележана една од најсмртоносните епидемии во светот на пандемијата „Ковид-19“ и широко распространето уништување на шумите во сливот на Амазон.

Лула ветува поголема општествена и еколошка одговорност, наведувајќи го зголемениот просперитет на неговото претседателствување во периодот 2003-2010 година, пред корупциски скандали да ја оцрнат неговата Работничка партија.

Околу 120 милиони гласачи беа поканети да го дадат својот глас во електронските гласачки машини кои Болсонаро ги критикуваше без докази дека се склони кон измама, предизвикувајќи загриженост дека можеби нема да го признае поразот, по примерот на неговиот идеолошки сојузник, поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Тоа ги зголеми тензиите на најполаризираните избори во Бразил од неговото враќање во демократијата во 1985 година, по воената диктатура против која се бореше Лула, поранешен синдикален лидер и на која Болсонаро, поранешен армиски офицер, се сеќава со носталгија.