Француската енергетска компанија ЕДФ денеска соопшти дека ја проверува состојбата на новиот нуклеарен реактор Фламанвил, кој автоматски се исклучи само еден ден по неговото стартување.
Тимовите на ЕДФ го започнаа Европскиот реактор под притисок (ЕПР) на 3 септември, но тој автоматски се исклучи следното утро, рече портпаролката на компанијата, потврдувајќи ги медиумските извештаи.
„Првите наоди од техничката дијагноза водат до заклучок дека инцидентот може да е поврзан со неправилна конфигурација на инсталацијата“, додаде портпаролката.
„Реакторот поминува низ долг и сложен процес на стартување кој бара бројни испитувања и тестови и понекогаш може да активира (автоматско) исклучување“, истакна таа, според извештајот на новинската агенција АФП.
Модел за нова генерација електрани
Најновиот реактор на ЕДФ требаше да биде модел за новата генерација електрани што ги сака претседателот Емануел Макрон во наредните децении.
Тој беше завршен со 12 години задоцнување по цена од 13,2 милијарди евра, приближно четири пати повеќе од планираното.
Истите модели на реактор веќе се пуштени во употреба во Кина и Финска.
„Финскиот ИПР имаше неколку дефекти, особено поврзани со хидраулични пумпи кои беа неисправни и требаше да се заменат“, рече Николас Голдберг од Колумбус Консалтинг.
Најголемиот производител на електрична енергија во Франција
Во мај, EDF инсталираше ураниумско гориво во реакторот и спроведе серија тестови. Во понеделникот, компанијата доби дозвола од француската агенција за нуклеарна безбедност ASN да започне реакција на фисија.
Нуклеарната централа во Фламанвил постепено ќе го зголемува производството до 25 отсто од капацитетот, а потоа ќе биде поврзана на мрежата „до крајот на есента“, соопшти ЕДФ. Досега поврзувањето беше планирано за крајот на летото.
Реакторот има капацитет од 1.600 мегавати и ќе биде најголемиот производител на електрична енергија во Франција, снабдувајќи со електрична енергија околу три милиони домаќинства.