Соединетите Американски Држави ќе испратат дополнителна воена помош во вредност од 600 милиони долари за Украина, која вклучува оружје, муниција и друга воена опрема, соопшти денеска Стејт департментот.
Со новата, 21-ва транша, вкупната воена помош на администрацијата на претседателот Џозеф Бајден за Украина е околу 15,8 милијарди долари, соопшти Стејт департментот.
– Заедно со нашите сојузници и партнери доставуваме оружје и опрема што украинските сили ги користат толку ефикасно што успешно ја продолжуваат својата контраофанзива против рускиот напад. Претседателот Бајден јасно кажа дека ќе му помагаме на украинскиот народ се додека тоа е неопходно – изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Блинкен, со одобрение на американскиот претседател, „ја овласти 21-ва распределба на американско оружје и опрема за Украина почнувајќи од септември 2021 година“, се вели во соопштението на Стејт департментот.