Кина не пријавила „невообичаени или нови патогени“ во регистрирани случаи на пневмонија кај деца, објави Светската здравствена организација, пишува денеска Би-би-си.
Пекинг го припишува порастот на болести слични на грип на укинувањето на ограничувањата за Ковид-19, според СЗО, која побара повеќе податоци за случаите.
Сепак, Кина ги повика жителите да преземат мерки на претпазливост, како што се вакцинирање и носење маски.
Локалните медиуми изминатите денови објавија дека болниците се преоптоварени, пренесува BCC.
Во соопштението во средата, СЗО рече дека побарала од Кина повеќе информации за медиумските извештаи и оние објавени од ProMed (глобален систем за следење на епидемијата) – за „групи на недијагностицирана пневмонија кај деца во северна Кина“.
Пневмонија е општ медицински термин кој се користи за опишување на инфекција и воспаление на белите дробови. Тоа може да биде предизвикано од разни вируси, бактерии или габи.
По барањето на СЗО, државната новинска агенција Ксинхуа објави напис во кој се цитираат официјални лица од кинеската Национална здравствена комисија (NHC) кои велат дека посветуваат големо внимание на дијагнозата и грижата за децата со респираторни заболувања.
Подоцна во четвртокот, СЗО во соопштението рече дека Кина не открила никакви „невообичаени или нови патогени“ и дека порастот на респираторните болести што се шират на северот од земјата се должи на „повеќе познати патогени“.
Од октомври, северна Кина пријави „зголемување на болести слични на грип“ во споредба со истиот период во изминатите три години, соопшти СЗО.
„Некои од овие зголемувања се порано во сезоната отколку претходно, но не се неочекувани со оглед на укинувањето на ограничувањата поради Ковид-19. Вакво искуство е забележано и во други земји“, се наведува во соопштението.
СЗО соопшти дека „внимателно ја следи ситуацијата и е во близок контакт со националните власти во Кина“.
Иако спомнувањето на Кина и бранот на инфекција може да ги направи луѓето вознемирени бидејќи ги враќа сеќавањата на пандемијата на Ковид-19, СЗО инсистира работите да се разјаснат објективно.
Исто така, не е невообичаено СЗО да бара од земјите повеќе информации за група болести. Ова го прават речиси секој ден, наведува Би-би-си.
Специјализиран тим на СЗО секојдневно прегледува илјадници медиумски извештаи и информации за внатрешен надзор за циркулирачките болести од различни земји.
Експертите потоа одлучуваат дали им требаат повеќе информации, во случај тоа да стане итен случај за јавно здравје од меѓународен интерес.
Но, невообичаено е барањето на СЗО да бидат објавени повеќе информации.
Генерално, ова претходно се правеше преку приватни канали помеѓу СЗО и здравствените власти во земјата.
Агенцијата на ОН несомнено е свесна дека луѓето може да станат понервозни поради вирусот пријавен во Кина со не толку далечно сеќавање на Ковид-19.
СЗО, исто така, се обидува да биде потранспарентен по пандемијата.
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА) соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
Кинескиот NHC минатата недела соопшти дека има зголемување на неколку респираторни заболувања низ целата земја: особено грип, ковид, микоплазма пневмонија – честа бактериска инфекција што ги погодува малите деца – и респираторниот синцицијален вирус (РСВ).
Официјалните лица го припишуваат зголемувањето на укинувањето на ограничувањата за ковид.
Други земји, вклучително Велика Британија и САД, забележаа слични скокови на болести слични на грип откако беа укинати ограничувањата за пандемијата.
„Кина сега веројатно доживува голем бран на респираторни инфекции кај децата бидејќи ова е прва зима по нивното долгорочно затворање, што мора драстично да ја намали циркулацијата на респираторните вируси, а со тоа и да го намали имунитетот на ендемични болести“, рече професорот Франсоа Балу од Универзитетскиот колеџ на Лондонскиот институт за генетика.
Професорот Пол Хантер од Универзитетот во Источна Англија (УЕА) рече дека во моментов има премалку информации за да се постави конечна дијагноза за тоа што ги предизвикало инфекциите.
„Генерално, ова не ми звучи како избувнување поради нов вирус. Ако беше така, би очекувал да видам многу повеќе инфекции кај возрасните. Неколкуте инфекции пријавени кај возрасни укажуваат на постоење на имунитет од претходно изложување“, додаде тој.