Општата болница Куманово наскоро ќе добие целосно климатизирани простории и ново паркинг место со капацитет од околу 130 возила, благодарение на донации од повеќе кумановски компании.
Ова го соопшти директорот на установата, Сашо Стошевски, кој се заблагодари на сите фирми што одговориле на повикот за поддршка.
Тој додаде дека една од најзначајните донации е токму обезбедувањето и поставувањето на околу 50 до 60 клима-уреди, со цел во болницата да нема ниту една просторија без ладење или греење.
– Се уште се монтираат во болницата и се планира да нема ниту една просторија без клима уред, затоа тшо ни се многу потребни, како за летните природи така и за зимскиот период, потенцираше директорот Стошевски.
Меѓу поголемите донации е и уредувањето на простор кој претходно бил запуштен, а сега ќе се претвори во ново паркинг место, со што како што изјаив директорот ќе се реши проблемот со паркирањето.
Стошевски посочи дека благодарение на „Ротари клубот“, уредено е и детското одделение – дневната болница, која наскоро ќе биде пуштена во употреба.
Во тек се и активности за варосување и опремување на инфективното, интерното и хируршкото одделение, како и биохемиската лабораторија.
– Ги замолувам граѓаните на Куманово за разбирање, бидејќи во моментов се одвиваат повеќе градежни активности во кругот на болницата. Се надевам дека до крајот на месецот сè ќе биде завршено, додаде Стошевски.
Директорот потврди и дека болницата конечно го решила проблемот со перењето и сушењето на постелнина и облека, преку набавка на индустриски машини по пат на јавна набавка.
Никола Ивановски

