Повеќе од 100 нилски коњи увезени како егзотични миленичиња од наркобосот Пабло Ескобар се соочуваат со неизвесна иднина во Колумбија, бидејќи локалните власти ги прогласија за „инвазивен вид“.
По состанокот на специјалниот комитет, одлучено е врз основа на научни и технички студии нилските коњи да се стават на листата на „инвазивни видови“, соопшти колумбиското Министерство за животна средина.
Експертска студија покажа големи ризици за екосистемите со можно влијание врз ендогените видови во Колумбија.
„Ова е прва фаза пред да се утврди конкретна акција за тоа што ќе се прави со тој животински вид во земјава“, велат од Министерството.
Наркобос Пабло Ескобар и го остави на Колумбија тоа напорно и неочекувано наследство, а нилските коњи, речиси 30 години по неговиот пад, слободно се движат во водите на реката Магдалена.
Колонијата од повеќе од 100 животни денес се смета за најголема група надвор од Африка.
Тие се директни потомци на двојката нилски коњи кои Ескобар ги увезе кога беше на врвот на својата слава, за зоолошката градина во неговата хациенда Наполе, околу 100 километри јужно од Меделин.
По смртта на Ескобар, кој беше убиен во судир со безбедносните сили во 1993 година, животните беа оставени сами на себе, а огромната вила исто така беше напуштена.
Фламинго, жирафи, зебри и други животни биле продавани на други зоолошки градини.
Оставени на тоа место без предатори, нилските коњи се размножуваа, кои станаа атракција за светските медиуми, но пред се еколошки проблем и закана за жителите на таа планинска и тропска област.
Се проценува дека бројот на нилски коњи би можел да се зголеми четирикратно за десет години.
„Колумбија не може да си дозволи овој вид да се развива на нејзина територија“, изјави поранешниот колумбиски министер за животна средина Мануел Родригез.
Иако планот на владата не беше откриен, Родригез учествувал во неговото создавање.
Тој рече дека бара од надлежните да ги искористат сите мерки за да се спречи ширењето на овој вид, вклучително и ловот.
Од пред десет години, научниците од Корнареа, регионалната државна агенција за заштита на животната средина, спроведуваат програма за стерилизирање на овие нилски коњи.
Досега хируршки успеале да стерилизираат десетина единки, а околу 40 со лекови. Но, според еден од функционерите на таа агенција, сè што е поврзано со нилските коњи е сложено, скапо и опасно.
И покрај напорите да се стерилизираат животните, нивната популација продолжува да расте.
Тој рече дека убивањето на животните останува на маса и дека тоа е неопходна опција која може да биде последна опција за да се спречи влошување на проблемот.
Поранешниот министер Родригез изјави дека ова е единствениот инвазивен вид со таа големина во светот, оценувајќи дека рибарите и локалното население во областа се во опасност.