Николовски од Софија: Меморандумот за соработка со Бугарија во областа на земјоделството е голем чекор за унапредување на билатералната и трговската соработка

Сподели со своите пријатели

Денеска во Софија, во рамки на заедничката седница на владите од Република Северна Македонија и Република Бугарија, со која копретседаваа двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, Љупчо Николовски и министерот за земјоделство на Република Бугарија, Иван Иванов, потпишаа Меморандум за соработка во областа на земјоделството, земјоделските науки, руралните области и шумарството. Министерот Николовски посочи дека овој значаен билатерален договор претставува голем чекор за зацврстувањето и унапредувањето на билатералната и трговската соработка помеѓу двете држави.

Loading...

„Верувам дека во периодот што следи ќе испорачаме брзи резултати. Ние денеска потпишавме Меморандум за соработка и со министерот за земјоделство на Бугарија Иван Иванов, разговаравме за значењето на земјоделскиот сектор, за двете држави да ја зголемат соработката и заеднички да испорачаме резултати. Северна Македонија е лидер во регионот по искористеност на ИПАРД програмите, а искуството на Бугарија како земја членка на ЕУ ќе ни биде од големо значење во имплементацијата на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ. Унапредувањето на шумарството и ловството ќе биде еден од приоритетите во следниот период за работа“, рече министерот Николовски.

При тоа, министерот Николовски изјави дека веднаш ќе се започнат подготвките за формирање на работните групи од двете министерства во сите области од Меморандумот, и на почеток на следниот месец ќе да се одржи првиот состанок на групите. Меморандумот отвора можност за блиска соработка меѓу надлежните институции од Северна Македонија и од Бугарија во повеќе области. Работните меѓуресорски групи што ќе се формираат за краток период ќе работат на развивање на соработката во доменот на:

·Имплементација на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ;

· Земјоделските науки;

· Шумарство и Ловство;

· Органско производство и преработка на органски земјоделски производи;

· Биотехнологии во полјоделството и во сточарството;

Loading...

· Селекција и репродукција во сточарството;

· Транснационална соработка во руралната област и други области од заеднички интерес.

Освен техничка и административна соработка, двете министерства ќе разменуваат научни и технички информации и експертски искуства во доменот на земјоделството, ќе организираат семинари и обуки, ќе работат на имплементација на заеднички истражувачки програми во земјоделството и земјоделските науки. Во текот на денешниот ден, во рамки на меѓувладината седница, министерот Николовски заедно со колегите министри од Република Бугарија, учествуваше на првиот состанок со работната група за економија, енергетика, финансии, иновации и развојот, инвестиции и земјоделство, на којшто се поставија основите за работа во областите и се утврдија роковите за исполнување на приоритетите .