Најмалку 85 цивили биле случајно убиени во напад со беспилотно летало на нигериската армија во село во северозападната држава Кадуна, потврдија службите за итни случаи, пишува Гардијан.
Претседателот Бола Ахмед Тинубу денеска нареди истрага откако војската призна дека еден од нејзините дронови случајно го погодил селото Тудун Бири во неделата додека жителите присуствувале на муслимански фестивал.
Војската не даде податоци за жртвите, но локалните жители изјавија дека загинале 85 луѓе, од кои многу жени и деца.
Нигериската војска често изведува воздушни напади
„Северозападната зонска канцеларија доби информација од локалните власти дека досега се закопани 85 мртви тела, додека потрагата се уште трае“, соопшти Националната агенција за управување со вонредни состојби (НЕМА).
Агенцијата додаде дека уште 66 лица се згрижени во болница, а службениците за итни случаи преговараат со водачите на заедницата за да ги смират тензиите и да стигнат до селото.
„Претседателот Тинубу го опишува инцидентот како многу несреќен, вознемирувачки и болен, изразувајќи бес и тага поради трагичната загуба на нигериските животи“, се вели во соопштението на претседателството.
Вооружените сили на Нигерија често се потпираат на воздушни напади за борба против таканаречените бандитски милиции во северозападниот и североисточниот дел на земјата, каде што џихадистите се борат повеќе од една деценија.