Невремето во Тетово однесе 4 животи и остави вистински хаос (фото+видео)


Урнати ѕидови, откорнати дрвја, искршени гранки, улици полни со вода, свлечишта, одрони и кал – ваква е сликата во Тетово по вчерашното невреме кое однесе четири човечки животи.

Вчера попладне Тетово и регионот беа зафатени од силно невреме. Најпогодени се селата Голема Речица и Шипковица каде 4ет лица ги загубија своите животи, меѓу кои и две малолетни деца. Повеќето од загинатите биле повлечени од надојдените води на реката Пена.

Loading...

Х.Ф. (83) и А.М. (14) од Шипковица, А.И. (7) од Тетово и Р.А. (15) од Шипковица се четирите жртви од вчерашното силно невреме во Тетовско, потврди утрово Секторот за внатрешни работи.

Повредени се засега 11 лица, најмногу од Шипковица, Селце Џепчиште и Мала Речица. Дел од нив се уште се на болничко лекување, а дел се пуштени дома, рече Марјан Јосифовски од СВР Тетово.

Во Тетово се оштетени четири возила од паѓање гранки, дрва, предмети,… Се уште се пријавуваат штети на куќи и објекти однесени од свлечишта.

Како што информира полицијата, и Вратничкиот мост меѓу горно Орашје и Нераште е однесен.

Вчера вечер околу 20:30 часот започна да се стабилизира состојбата кога престана да паѓа дожд. Реката Пена започна да се повлекува назад во своето корито, а 8 булдожери и тешка механизација беа ангажирани од страна на Дирекцијата за заштита и спасување кои почнаа да го расчистуваат градот.

Во прекин беше патниот правец Тетово-Попова Шапка кој рано утринава е расчистен и сообраќајот е нормализиран.

Инаку денеска владата ќе одржи вонредна седница на која ќе се разгледува состојбата и ќе се утврдуваат понатамошните чекори за помош на населението.


© Со преземање на содржината ги прифаќате Условите за преземање содржини

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.