Во своето прво јавно појавување по повеќе од еден месец отсуство, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го посети новоизградениот град во близина на границата со Кина и блиската „света планина“, објавија денеска државните медиуми.
Самџијон, нов град на северот на земјата, се претвора во голем економски центар, а тамошните власти го нарекуваат „социјалистичка утопија“.
Во него се сместени нови станови, хотели, ски-центар и комерцијални, културни и здравствени објекти.
Град во близина на светата планина
Градот се наоѓа во близина на планината Паекту, која се смета за света планина со оглед на тоа што семејството на Ким тврди дека нејзините корени потекнуваат од таму.
Ким Џонг-ун ја посетил планината неколку пати од 2018 година, а државната новинска агенција (KCNA) ја прикажува како „олицетворение на модерната цивилизација“.
КЦНА пренесува дека севернокорејскиот лидер во последната посета на Самџијон проверил како напредуваат работите во третата и последна фаза од изградбата.
Завршувањето се очекува до крајот на оваа година, откако беа одложени поради меѓународните санкции и пандемијата на коронавирус.
KCNA не го откри точниот датум на посетата на Ким, но беше првиот медиум што објави извештај за неговата јавна активност по 35 дена, неговото најдолго отсуство од 2014 година.
Последен пат е виден како држи говор на одбранбените воени вежби.
Честите и долги отсуства на Ким од медиумите често поттикнуваат шпекулации за неговата здравствена состојба.
Јужнокорејската разузнавачка агенција минатиот месец соопшти дека севернокорејскиот лидер нема здравствени проблеми.
Еден од најголемите проекти
„Ким Џонг-ун рече дека Самџијон станува пример за модерен, социјалистички и планински град кој е добар пример за рурален развој, благодарение на непоколебливата истрајност на работниците и покрај неповолните климатски услови“, пренесува КЦНА.
Ким додава дека изградбата на новиот град обезбедува искуство во изградба, дизајн и употреба на технологија, што ќе го поттикне економскиот развој на другите региони во земјата.
Самџион е еден од најголемите проекти што ги започна Пјонгјанг, како дел од амбициите на Ким да развие „самоодржлива“ економија, за да и помогне на земјата успешно да се справи со меѓународните санкции наметнати поради нуклеарната програма на Северна Кореја.
Речиси две години по затворањето на границите поради Ковид-19, Северна Кореја неодамна го обнови железничкиот товарен сообраќај со Кина, што укажува дека наскоро би можела повторно да ги отвори границите.