Нема кој да ги обучи кумановските пожарникари за гаснење пожар на гасна инсталација

Сподели со своите пријатели

Територијалната противпожарна единица Куманово нема тим кој ќе дејствува во случај на хаварија со гасоводната мрежа, ова денеска го потврди командирот на единицата Деан Илиевски одговарајќи на советничко прашање на 5. седница на Советот на Општина Куманово.

Според командирот Деан Илиевски, во разговор со Дирекцијата за заштита и спасување му било посочено дека нема тим кој може да изврши обуки за пожари на гас и гасна инсталација.

Кумановски пожарникари не добиле лична заштитна опрема цели 18 години, а не располагаат ниту со хидраулична платформа со која би се гаснеле пожари на висококатниците кои секојдневно во Куманово се во поголем број.

– Имав контакти усмено со некои луѓе од Дирекцијата за заштита и спасување, конкретно со Вуковиќ,  меѓутоа се уште не знам немаат екипа која би можела да изврши обука на професионални пожарникари конкретно за пожари на гас и гасна инсталација. Се согласувам дека тоа е нужно потребно, даваме напори и се надевам дека ќе успееме нешто да направиме по тоа прашање, вели Илиевски.

Четири години вработените во противпожарната служба од Куманово немаат добиено ниту униформи, проблем кој се очекува наскоро да биде решен затоа што тендерот е во завршна фаза.

Пожарникарите според годишниот извештај за 2017 година, бележат 471 пријава, односно 446 пожари што е за 40 до 50 интервенции повеќе споредбено со 2016 година. Од вкупниот број интервенции 96 биле на објекти во урбани среини, при што проценетата неутврдена материјална штета е над 7 милиони денари, додека еден пожарникар се здобил со повреди во вакви интервенции.

Најголем број од интервенциите, вкупно 234 се на пожари на отворен простор, при што првичната проценета штета изнесува 130.000 денари, не сметајќи ја материјалната штета од шумските пожари.

Во своето работење во текот на 2017 година пожарникарите имале и 7 активности за обезбедување на настани и манифестации.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.